Нема судир на интереси во случајот со Калина Гривчева Старделова, која е директорката на Клиниката гастроентерохепатологија и прв човек на Лекарската комора, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
„Директорката беше дел од тимот, кој ја направи реорганизацијата на интерните клиники. Сите клиники кои се наоѓаа таму во една зграда беа пренаменети, а нивниот кадар работи со ковид-пациенти. Значајно се зголеми бројот на слободни болнички кревети. Професорката активно работеше и во Лекарската комора, беше координатор и на матичните лекари. Имавме бројни состаноци. Активно се залагаше и за носење на законот за лекарска дејност. Моите информации говорат дека конфликт на интереси во тој случај нема“, истакна Филипче, одговорајќи на прашањето на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска, која го праша кога ќе ја смени Гривчева Старделова од директорското место, бидејќи, како што рече, Антикорупциска комисија во нејзиниот случај утврдила дека постои судир на интереси.
„До кога и според кои закони доктор Калина Гривчева – Старделова ќе извршува напоредно две неспоиви функции, а тоа се претседателка на Лекарската комора на Македонија и истовремено директорка на Универзитетската клиниката за гастроентерохепатологија? Ова е класичен судир на интереси бидејќи првиот човек на комората ја контролира токму работата на првите луѓе на јавните здравствени установи, односно Старделова си се контролира самата себе си, знаеме дека на 22 ноември 2019 година, Aнтикорупциска има доставено известување за судир на интереси и даде рок од 15 дена да се откаже од една од овие две функции, што до ден денес не е сторено“, изјави Стојаноска.