Просто е неверојатно,колку треба да немате грам срам, ниту морална, камо ли политичка одговорност, онака беневолентно и ноншалантно да давате изјави дека „Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и не постигнал толку лош резултат“ постојано потенцирајќи за апсолутниот пад на владејачката ВМРО-ДПМНЕ со околу 140.000 гласови помалку од минатогодишните парламентарни избори, постојано повторувајќи го тој факт како папагали. Но што правиме со дополнителниот историски пад на оваа гарнитура, пробивајќи го дното постигнатото од ланските избори, под водство на тогашниот премиер и претседател на оваа партија Димитар Ковачевски кога освоија рекордно ниски 153.000 гласови на национално ниво. Овој, веќе не толку новиов , го пробуши и тоа дно одејќи до околу 126.000 гласови на советничките листи, сведувајќи ја партијата која како мираз и чеиз ја доби од господарите од Дубаи на подарок, на историски егзистенционален минимум, без око да му трепне. Освен некои карикатурални изнудени оставки на претседателот на градската организација и една потпретседателка, не гледаме на никому друг влакно да му фали, најмалку на најодговорниот, затоа како што изјавив и како што рекле старите „рибата смрди од главата“. Овој освен што во минатото отворал глави како еден од најдобрите неврохирурзи, во својата нема два грама мозок. Но да не се бавиме само со една, во суштина, тажна, опскурна личност. Што правиме со останетите функционери во СДСМ?
„Првата пушка“ пукна во Ѓорче Петров!
Една ластовичка не носи пролет, да навистина, но во СДСМ како да ги нема ич со чест на ретки исклучоци. После една објава на социјалните мрежи на веќе поранешниот градоначалник на Општина Струмица, поранешен портпарол и пратеник од редовите на оваа партија, Костадин Костадинов, во која дава критика на актуелните политики, одговорноста и срамот на актуелниот т.н. лидер и раководство, видовме дека се одважи и кандидатот за градоначалник за Општина Ѓорче Петров, претседател на општинската организација на оваа партија Костадин Ацевски, кој во објава на социјалните мрежи, јавно си поднесе оставка од партиската функција, повика на оставка и одговорност на претседателот на партијата и целото раководство. Кажувајќи дека и понатаму останува член на СДСМ, верувајќи во социјалдемократските вредности и идеали. Така прави нормален, морален и човек со интегритет, а не киднапирана будала која никогаш не била член на СДСМ, а сега само свесно ја уништува и умртвува партијата, се со цел да ја чува својата слобода и своите, веројатно криминално стекнати милиони, но уште повеќе тие на „шеиците од Дубаи“, како и нивната слобода. Бидејќи му се господари, тој ним измеќар! Но каде се останатите, поранешни, сегашни , веројатно и идни партиски и државни функционери од оваа партија, која себе си ја нарекуваа „државотворна“, да дигнат глас, да „гукнат“ нешто што се вели, за спас на партијата, како што говорат по кафеани, кафетерии, кулоари? Чекаат друг да им ја заврши работата, па тие да дојдат на бел коњ, или само Ацевски и Костадинов, ќе се жртвуваат за сите нив?! Нели се нарекувате другари и другарки?! Епа , не ја бива, оваа така другари! За се во животот се сака борба , истрајност и храброст. Војната се добива не со една битка, ама со многу! Со верба во идеали. Или изгледа не останаа толку „будали“.
СДСМ е под егзистенционална закана!
Како и да е, СДСМ се наоѓа, како никогаш досега на историски крстопат. Партијата буквално се наоѓа на ивицата од бездната во која може еднаш засекогаш да потоне и никогаш повторно да не се врати назад. Дали тоа го знае т.н лидер и последните карикатури кои се опкружени околу него?! Апсолутно да! Дали им е гајле за тоа?! Апсолутно не! Останува само на чесните, достоинствени и храбри социјалдемократи да си ја вратат партијата во свои раце и наново да ја изградат, за да биде повторно конкурентна на политичката сцена. Од нив зависи, дали во периодот што следи ќе се оттргне партијата од канџите на „браќата со златни визи во Дубаи“, или ќе се помират со судбината дека ова веќе одамна не е партија, туку приватна фирма, налик „Еленица“. Тоа е . Жална е судбината на Македонија, ако заврши вака, уништена и контролирана од неколку криминогени милионерски олигархиски фамилии, наместо како уредена, средена, европска земја, во која владее правото и правдата и функционираат законите за сите. Полноправна членка на ЕУ. Уште пожална ќе биде, ако СДСМ заврши трајно како приватна фирма со неограничена неодговнорст, испразнета од секаква суштина и идеологија. Но тоа, зависи од „другарите внатре“.
Благојче Атанасоски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.