„Не ја губете вербата, направете уште еден чекор“, порача Фон дер Лајен

од Берта Китинска
236 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев вчера се сретна со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен којашто е во еднодневна работна посета на нашата земја.

Со двете страни работиме и разговараме со цел надминување на пречката, вели шефицата на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање за тоа кој е последниот чекор што треба да се направи да се тргне бугарското вето.

Според неа, има многу добри идеи, за кои што вреди да се размисли.

-Нашата цел е пред крајот на годината да ја имаме првата Меѓувладина конференција заедно со Албанија и Македонија. Процесот е добар и треба да се започне со пристапниот процес. Од дното на моето срце го поддржувам формалното отворање на преговорите со ЕУ. Имате поддршка од многу пријатели и не ја губете вербата, рече Фон дер Лајен.

Шефот на државата, Стево Пендаровски, оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамките на нејзината еднодневна работа посета на земјава. Како што информираат од кабинетот на претседателот, тие размениле мислења и информации за најновите случувања поврзани со нашата европска интеграција.

„Констатираа дека отпочнување на пристапни преговори на Северна Македонија со Европската Унија дополнително ќе го интензивира реформскиот процес и ќе овозможи економски и социјален напредок“,информираат од кабинетот на претседателот.

ЕУ мора да честита за постигнатиот напредок

Посетата на Фон дер Лајен е во вистинско време и носи порака за нас, иако делумна, но повеќе значи порака за земјите-членки на ЕУ, вели министерката за одбрана, Радмила Шекеринска во Дневникот на ТВ Сител.

Според неа, ЕУ мора да честита за постигнатиот напредок, но тука нема да биде завршена работата.

-Некои политички структури е прилично скептични во однос на проширувањето. Сите би сакале да имавме полесен пат и да не го испуштевме чекорот со Хрватска. Сепак, напорите ги правиме повеќе за своите граѓани, а помалку за ЕУ. Најлесно е да кажете дека сме песимисти и дека сме уморни. Дојдовме и до НАТО, затоа што и во моментите на откажување, не се откажавме. Ние се трудевме до крај и останавме. Жалите за сите пропуштени шанси, но сега е ред на ЕУ да испорача, рече Шекеринска.

ЕУ повеќе не гарантира европска иднина за Балканот

Европската Унија, поради страв од можни политички реакции во земјите – членки, повеќе не може да се согласи да гарантира за идно членство на шесте балкански земји во ЕУ, меѓу нив и Македонија, иако балканските земји добија ветувања за европска иднина. Ова го пишува „Ројтерс“, а за ова сценарио се повикува на четворица дипломати и еден документ.

На претстојниот самит закажан за 6 октомври, Европската Унија планира во изјавата да наведе дека Унијата ја реафирмира својата „недвосмислена поддршка за европската перспектива за Западен Балкан“. Но, според дипломатските извори на „Ројтерс“, земјите членки и по две рунди разговори, сѐ уште не постигнале согласност за оваа формулација.

Застојот во разговорите околу декларацијата е нова пречка за ЕУ пред самитот, кој требаше да ја зацврсти посветеноста на ЕУ на стратегијата според која на Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Албанија им беше ветено дека ќе станат дел од европското семејство, пишува „Ројтерс“. Медиумот ги забележува тензиите меѓу Србија и Косово.

Слични содржини