Пред Мурат Пашината Џамија во Старата скопска чаршија денеска се одржа протест за поддршка на палестинскиот народ. Група граѓани со транспаренти „Слобода за Палестина“ под мотото „Не молчи за масакрот во Палестина“ побараа да престанат нападите во Палестина.
Емин Хусрев, претседател на здружението „Копру“ рече дека нападите во последните дванаесет дена во кои се таргетираат цивили, меѓу кои значаен дел жени и деца, „кулминираа со бомбардирањето на баптистичната болница Ал Ахли, акт кој е неприфатлив за човештвото“.
Хусрев побара нападите да престанат нагласувајќи дека не може да се остане нем за она што се случува бидејќи до денес има над 3.500 жртви.
Протестот е во организација на „Платформата за поддршка на Палестина“.
Појасот Газа е еден од најгусто населените региони во светот. Регионот граничи со Израел, Египет и Средоземно Море. Од Појасот Газа од седми октомври милитантната, исламистичка, палестинска организација Хамас го напаѓа Израел. Германија, ЕУ, САД и неколку арапски држави ја означуваат Хамас како терористичка организација.
Појасот се протега на подрачје од околу десет километри ширина и 41 километар должина. Во регионот живеат околу два милиони лица, односно просечно по 5.500 луѓе на квадратен километар. За споредба – во Израел густината на населението изнесува околу 400 лица на квадратен километар.