Сега веќе поранешниот амбасадор и екс-градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски информира дека преку објава во Службен весник дознал дека е отповикан од должноста амбасадор во Романија, без, како што вели, никаква претходно добиена информација, што, според него, е спротивно на основните процедури пропишани во Уставот и Законот.
-По 192 дена откако ме вратија на „консултации“ во државата, при што брутално е погазен Законот за Надворешни работи, оваа одлука ја дознав сосема неофицијално. Очигледно, партиското резонирање повторно е посилно од законите и дипломатијата, објави Жерновски, истакнувајќи дека „уште не можат да ги преболат трите круга и поразот во Центар“. Со ова поранешниот градоначалник алудираше на локалните избори во 2013 година кога имаше вкупно три круга на гласање во Центар, само со цел да не дојде до победа на опозицијата, а ДИК прифати бројни приговори.
„Во врска со амбасадорот Жерновски, и амбасадорот Мемеди се водат внатрешни процедури во рамките на Министерството за надворешни работи, во согласно со Законот за надворешни работи и соодветно ќе бидете информирани кога ќе завршат тие процедури. Формално правно амбасадорот Мемеди е се уште амбасадор. Формално правно, амбасадорот Жерновски никогаш не ни станал амбасадор во Букурешт, бидејќи нема предадено акредитивни писма, додека Фрчкоски е амбасадор во оставка“ – вака изјави шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски во ноември 2024 година.
Жерновски потоа во објава на социјалните мрежи најави тужби. Рече дека клеветењето и нанесување штета на нечиј личен углед и интегритет е крајно сериозна работа. Беше дециден дека не бил „амбасадор на диво“.
Претходно со указ на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова беа отповикани седум амбасадори од функција.