Не може без фудбал: Иниеста стана сопственик на дански второлигаш

од Vladimir Zorba
21 прегледи

Поранешниот фудбалер на Барселона, Андрес Иниеста денеска изјави дека тој и неговата компанија „Никогаш не вели никогаш“ станале сопственици на данскиот фудбалски клуб Хелсингер.

Иниеста за дневниот весник „Хелсингер“ и за данскиот телевизиски канал ТВ 2 изјави дека тој и неговата компанија го купиле најголемиот дел од акциите на данскиот клуб во соработка со швајцарската компанија „Стоневег“.

„Почнавме да работиме со Хелсингер бидејќи тоа е неверојатно возбудлив клуб со навистина добри капацитети, многу добри луѓе во клубот и околу него, и потенцијал да станеме важен дел од данскиот фудбал“, изјави Иниеста за дневниот весник Хелсингер.

Директорот на Хелсингер, Бо Бај Хугор во септември за данскиот портал „Болд“ изјави дека се надева дека Иниеста ќе го купи клубот, откако неговата компанија од минатото лето им дава спортски совети.

Хугор ќе продолжи да ја извршува функцијата генерален директор на клубот, а се очекува Иниеста и директорот на Стоневег, Жауме Сабате, да бидат присутни на натпреварот на Хелсингер против Ишој ИФ во втората лига на Данска во петок, објави ТВ 2.

Клубот не објави ништо за продажбата.

„Никогаш не вели никогаш“ е шпанска компанија која, меѓу другото, се занимава со комуникации, маркетинг и консалтинг, а на нејзиното основање помогнал Иниеста, кој стана активен дел од компанијата откако минатиот месец ја заврши својата играчка кариера, пренесе „Бета“.

Фудбалскиот клуб Хелсингер, кој е основан во 2005 година, е седми на табелата во втората лига на Данска со 19 бодови.

Иниеста (40) со Барселона, за која одигра 674 натпревари и постигна 57 гола, четири пати ја освои Лигата на шампионите (2006, 2009, 2011, 2015 година), додека со шпанската репрезентација освои две европски првенства (2008, 2012) и Светското првенство во 2010 година.

Слични содржини