Бугарија го прекршила членот 2 од Договор за добрососедство, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
Тој вели дека не може да има напредок во разговорите за одблокирање на македонските евроинтеграции, бидејќи Бугарија нè уценува
„Големиот проблем и во разговорите за историјата и во разговорите за другите аспекти каде имаме разлики е атмосферата на уцена. И македонскиот народ и бугарскиот народ имаат една изрека, ‘со сила нема убавина’. За вистинска блискост и за вистински напредок не може да стане збор ако опстане оваа атмосфера на уцена. Мора да има меѓусебна почит и разбирање на чувствителноста на другиот. Не може да имаме блискост и пријателство кога се уценува“, кажа Димитров.
Американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мери Брнз кажа дека САД ќе се вклучат во разговорите за деблокада на евроинтегративниот процес.
„Би рекла дека заменикот-помошник Државен секретар, Габриел Ескобар, ја повтори американската политика за долгорочна вредност. Ние ја гледаме македонската иднина во ЕУ и ја потврдуваме важноста на разрешување на прашањето и се надеваме дека процесот ќе продолжи до крајот на годината. Продолжуваме со разговор со сите партнери, имаме разговор со владата овде во Скопје, разговори со соседните земји и низ цела Европа за да направиме се што можеме за да го поддржиме процесот да се придвижува напред. САД ќе се вклучи во ова прашање и во разговорите зашто сите ја делиме истата визија, Северна Македонија да го заземе заслуженото место во ЕУ и се надеваме дека тоа ќе биде бргу“, изјави денеска Брнз.