В.д. градоначалникот на Општина Кочани, Венко Крстевски информираше дека вчера требало да има рушење на дивоизграден угостителски објект во центарот на Кочани. Било укажано од страна на Општината, сами да си ги тргнат, но откако не се случило, била поднесена кривична пријава и започната управна постапка.
-Кривичната е поднесена на 18 јуни. За жал, од Обвинителството имам информации дека сопствениците се уште не се повикани. Станува збор за објекти кои се во станбен блок. Мојата кривична пријава се движеше во правец имајќи во предвид дека овде се движи поголема група на луѓе. За жал, во Кочани каде се случи најголемата несреќа во поновата историја на државата, гледаме дека угостители ги користат сите дозволени и недозволени механизми за да не бидат урнати. Јас како градоначалник затекнав двајца градежни инспектори во нашата општина. Едниот се уште се нема појавено на работа, а другиот кој што доаѓаше на работа, намерно или ненамерно има направено низа на пропусти. Доколку бидат докажани, против истиот ќе биде поднесена соодветна пријава. Истиот градежен инспектор од сабајле беше на работа во општината и требаше да биде присутен овде за да започне постапката на рушење на објектот. Пред малку бев информиран од лица во МВР дека тој се наоѓа во Штип и дека наводно бил на лекување. Не ми е јасно како одеднаш се смени неговото здравје и расположение во текот на денот, рече Крстевски во изјава за медиумите.
В.д. градоначалникот исто така информира дека одредени транзициски моќници им се заканувале на фирмата која требала да ја руши дивоградбата. Се сомнева дека и градежниот инспектор од општината добивал закани во последните денови.
-Апелирам до кочанчани – внимателно во изборниот процес, да бираат за кого гласаат за да не се соочиме повторно со ваква работа. Ветувам бескомпромисна борба со узурпаторите и дивоградбите. Ова е само почеток на промена на системот, додаде Крстевски.