Не може непријател на СЈО да решава за нивни предмети, кажа Џолев за Панчевски

од desk2
59 прегледи

Судијата Владимир Панчевски нема повеќе да ги блокира случаите на Специјалното јавно обвинителство кои стигнуваат во Основниот суд Скопје 1. Новиот претседател Иван Џолев го распореди во одделот за прекршоци, поради конфликт на интереси во врска со СЈО.

„Поради конфликт на интереси, јавен напад и доживување на Специјалното јавно обвинителство како свој непријател, но и поради тоа што е под истрага на СЈО, му беше вршен претрес, а и поднесе и кривична пријава на специјалната обвинителка Катица Јанева пред редовното обвинителство, судијата Панчевски е распореден во одделот за прекршоци. Во случајов се доведува во прашање непристрасноста во одлучувањето на судијата, зашто тој со распоредот на в.д. претседателот Стојанче Рибарев, беше ставен во одделот за организиран криминал и корупција и решеваше токму по барањата што ги поднесуваше СЈО до Кривичниот суд“, ги кажува за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателот Џолев причините за прераспоредувањето на Панчевски.

Џолев потврди дека Панчевски уредно го примил решението за прераспоредувањето и вели дека на тоа решение има право на жалба до Врховниот суд.

Новиот претседател на Кривичниот суд наведува и дека на четворица судии им истекол периодот за кој биле тргнати од кривичниот оддел во прекршоци и оти тие сега се вратиле на своите работни места. Таму останале во работа повеќе од 3.000 прекршочни предмети, па сега, вели Џолев, треба судии тие предмети да ги сработат.

Овие судии беа тргнати за да дојдат од Неготино Александра Поп Стефанија и други три судии за да ги блокираат предметите на СЈО уште во почетната фаза од постапките.

Панчевски ќе суди сообраќајни прекршоци. Ако беше распореден во одделот за јавен ред и мир во судот за прекршоци, тогаш Панчевски ќе можеше да остане во сегашната канцеларија во зградата на Основниот суд Скопје 1. Вака, сега ќе мора и физички да се исели, бидејќи сообраќајките се судат во бараките на судот во Градски парк./СДК