„Не можеме да си дозволиме да создадеме ковид генерација на Балканот“

од Stefanija Kuzmanovska
243 прегледи

Европската унија и УНИЦЕФ најавија почеток на програма вредна пет милиони евра за ублажување на влијанието на пандемијата врз најзагрозените деца на Западен Балкан и Турција.

Целта на програмата е да се обезбеди за околу 490.000 деца и родители подобар пристап до јавни услуги што промовираат развој, образование, здравствени услуги и грижа за раното детство.

Не можеме да си дозволиме да создадеме ковид генерација, а со оваа програма помагаме да обезбедиме постојан пристап до основните услуги за грижа за деца за скоро половина милион деца и родители, рече Хеновева Руиз Калавера, директор за Западен Балкан во Генералниот директорат на ЕК за соседна политика и преговори за проширување во заедничката изјава на УНИЦЕФ и ЕУ.

Таа додаде дека програмата ќе вклучува обезбедување дигитални алатки и квалитетна дигитална содржина за семејствата во оддалечените области, поддршка на тековните здравствени и нутриционистички услуги и подобрување на достапноста на услугите за ран детски развој.

Регионалниот директор на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Афшан Кан рече дека на Западен Балкан и Турција, соработката на УНИЦЕФ со ЕУ има за цел да ги заштити правата на децата на образование, здравје и заштита и да обезбеди националните системи што ги даваат овие услуги да бидат поправедни, поинклузивни и ги задоволуваат потребите на најранливите деца и родители.

Финансирањето на програмата е дел од пакетот помош на ЕУ за Западен Балкан за одговор на КОВИД-19, кој во моментов изнесува повеќе од 3,3 милијарди евра и тие потсетуваат дека „Тимот на Европа“ придонел со 2,2 милијарди евра во програмата Ковакс , вклучително и една милијарда евра од фондовите на ЕУ.

Слични содржини