„Не можеме да ставиме ограда и да ги спречиме луѓето да зборуваат“, вели Османи за провокациите од Бугарија

од Vladimir Zorba
194 прегледи

Провокациите кои доаѓаат од Бугарија се од профили кои се деструктивни за нивните општества. Тие не рефлектираат никаков позитивен имиџ за својата држава и за своето општество. Најдобро е да ги игнорираме и да не им даваме многу тежина на таквите луѓе, порача денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Според Османи, не треба да ги охрабруваме провокаторите бидејќи на тој начин ќе станат уште посилни во Бугарија. Тој смета дека од таквите профили воопшто не треба да се навредуваме.

-Ова што се случува, провокациите од типот „член на историска Комисија рекол нешто за нашата држава”, ние не можеме да ставиме ограда и да ги спречиме луѓето да зборуваат, да провоцираат. Меѓутоа, важно е дали ќе им дозволиме они да го водат орото. Мислам дека полека им ја преземаме агендата на провокаторите, на тие што сакаат лоши односи, рече Османи на брифингот, во одговор на новинарско прашање за актуелните провокации од Бугарија.

Тој додаде дека со Бугарија треба внимателно да се постапува, фактот што таму нема политичка влада создава потешкотии, но како што рече, луѓето кои провоцираат во однос на територијалните претензии, тоа го прават намерно за истото да го користат како политичка агенда во Бугарија.

-Провокаторите во однос на територијалните претензии кон друг народ, тоа го прават намерно, за да ние реагираме и после тоа го користат во политичката агенда во Бугарија. Очигледно, таму не е расчистено дали ќе има нови избори, и сега секој се обидува да добие од кај нас гласност, за да таа гласност таму ја продаде како своја партиска приказна. Ние реагиравме со нота до бугарското МНР, кое во последните комуникации кажува дека тоа не е став на бугарската држава, рече Османи.

Тој додаде дека за сега преговорите течат во најдобар ред, а билатерланиот скрининг оди по план.

-Тоа што слушам од првични реакции од земји членки е дека навистина се позитивно импресионирани од тоа како нашите екипи ги претставуаат постигнувањата до сега. Имаме еден сериозен пристап. Уште немаме формален одговор, меѓутоа од првиот разговор што го имам со земјите членки, коментарот е дека позитивно се импересионирани од тоа што ние го прикажуваме, рече Османи.

Слични содржини