„Не одиме на работа, не одиме на предавања“: Во Србија денес генерален штрајк

од Nikola Popovski
27 прегледи

„Рацете ви се крвави“, „Србија е свет“, „Гласот на студентите е посилен од бетон“, „Застани Србијо“, „Студенти разбудете се“, се само дел од многуте транспаренти кои го обиколија светот во изминатиот период речиси три месеци, a произлегоа од нашиот северен сосед. Студентите во Србија се разбудија и се побунија велејќи: „Да ја земеме слободата во свои раце и најавија генерален штрајк за петок“.

Денешниот генерален штрајк во Србија е на повик на студентите кои повеќе од два месеца протестираат поради трагедијата на железничката станица во Нови Сад. Голем број медиумски работници, стопанственици, претприемачи, трговци, ресторани и културни институции најавија дека на различни начини ќе го поддржат штрајкот и барањата на студентите.

Дел од опозицијата, пак, најави блокади на автопатиштата истакнувајќи дека мора да се изврши притисок врз власта и да се натера режимот да ја смени актуелната влада. Во истовреме, претседателот Вучиќ најави голем митинг во Јагодина што треба да го одбележи формирањето на „Народното движење за пристојна Србија“.

Генералниот штрајк вклучува прекин на работата во неколку различни индустрии со цел да се постигнат социјални, економски или политички цели. Со денови на социјалните мрежи се споделува повик до граѓаните да учествуваат денеска на генерален штрајк.

Студентите им рекоа на работодавците да им дадат слободен ден на своите вработени, да ги откажат сите закажани состаноци и да ги информираат клиентите и муштериите за причините зошто не работат тој ден.

Ги повикаа граѓаните да не пијат еспресо во кафуле, туку да пијат „турско“ дома, да не одат во ресторан и да нарачуваат храна, туку сами да си направат ручек, да не одат во теретана, туку да вежбаат дома…

Студентските блокади започнаа кон крајот на ноември, по нападот врз студентите и професорите на Факултетот за драмски уметности во Белград за време на 15-минутната почит во кампањата „Застани Србијо“. Факултетот за драмски уметности е блокиран од 25 ноември 2024 година кога студентскиот пленум гласаше за негово блокирање.

Во моментов блокирани се речиси 60 факултети, неколку ректорски управи и некои средни училишта. За повеќе од два месеци, протестите добија зголемена поддршка од луѓето од Србија, регионот и светот.

Повеќе од 60 отсто од српските граѓани ги поддржаа студентските протести, покажа истражувањето на организацијата „CRTA“.

Студентите изнесоа четири барања за кои велат дека се уште не се исполнети, иако Вишото јавно обвинителство во Нови Сад сослуша речиси 70 лица. Ова се барањата:

-Објавување на комплетната документација за реконструкција на Нови Сад Железничката станица,
-Потврда од надлежните органи за идентитетот на сите лица за кои постои основано сомнение дека физички нападнале студенти и професори, како и поведување кривична постапка против нив,
-Отфрлање на кривичната пријава за студенти уапсени и приведени за време на протести, како и прекинување на веќе покрената кривична постапка и зголемување на буџетот за високото образование за 20 отсто.

Слични содржини