Не помина иницијативата на Европскиот фронт за надзорна расправа за истрагата за кочанската трагедија

од Nikola Popovski
23 прегледи

На денешната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците не помина иницијативата на коалицијата Европски фронт за одржување надзорна расправа за истрагата за трагедијата во Кочани. За Иницијативата гласаа четворица членови на Комисијата на политичките партии од Европскиот фронт и СДСМ.

Пратениците-членови на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН истакнаа дека тоа што не гласаа не значи дека се против одржување на надзорна расправа, туку се за опфаќање и на сите други претходни трагедии како Модуларната болница во Тетово, „Беса транс“…. Потенцираа дека додека има активна истрага за случајот во Кочани, Собранието не би било добро да одржи надзорна расправа оти, тоа, како што нагласија, би било како вршење притисок и мешање во овој процес. Потенцираа дека тие лица кои во минатиот мандат блокирале и не правеле кворум во Анкетната комисија да се расправа за трагедиите во модуларната болница и „Беса транс“ да побараат да се расправа за трагедијата во Кочани.

Пратениците од СДСМ нагласија дека не е време за собирање политички поени во вакви трагедии каде животот гоизгубија 61 лице и околу 200 повредени. Пратениците од Европскиот фронт рекоа дека со тоа што не беше изгласана потребата за одржување на надзорна расправа власта покажува, како што посочија, дека не е гласот на народот.

Основното јавно обвинителство Кочани вчера до Основниот суд во Кочани достави предлог за определување мерки за претпазливост за последниот 19-ти осомничен на кого беше проширена истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, информираа од Обвинителството.

Бројот на осомничени за пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани достигна 52 физички и три правни лица, откако Обвинителството викендот ја прошири истрагата со уште 19 лица. Од новоосомничените, тројца се министри за економија, тројца овластени градежни инспектори во Општина Кочани, тројца директори на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), еден генерален инспектор во ДЗС, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија и четири пазарни инспектори во Државниот пазарен инспекторат.

Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи според Обвинителството, досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот.

Слични содржини