Министерот за култура, Зоран Љутков денеска информира дека тендерот за изградба на новата Универзалната сала не поминал. Вакво известување добил од Комисијата за жалби. Според него, имало одредена жалба во однос на изведувачот.
-Според мене, тоа не е суштински проблем, но, како и да е, има известување од Комисијата. Наредната недела ќе го повториме тендерот, кажа Љутков и додаде дека работата за завршување на обновата ќе се одолговлечи уште два месеци.
Сепак, министерот смирува дека постапката ќе трае помалку и дека веднаш ќе го распишат тендерот откако ќе поминат 10-те дена по известувањето на Комисијата за жалби. Љутков се надева дека до средината на јануари 2026 година ќе го имаат новиот изведувач на Универзална сала.
Се очекува реконструкцијата да заврши до крајот на 2027 година, а веќе следната да послужи за потребите на Скопје – Европска престолнина на културата во 2028. За реконструкцијата и претходната и актуелната влада одобриле околу 20 милиони евра.
Универзална сала се запали на 9 април 2024 година, само еден месец откако продолжија градежните работи за нејзина реконструкција. Почна да се реновира кон крајот на мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов во 2021. Со доаѓањето на градоначалничката функција на Данела Арсовска работите беа стопирани и две години ништо не се работеше. Потоа со одлука на Владата, Министерството за култура ја презема Универзална сала додека министерка беше Бисера Костадиновска-Стојчевска и се продолжи со реконструкцијата која беше стопирана поради пожарот. Откако ќе биде изградена, пак ќе премине во сопственост на Град Скопје.