НЕ ПОСТОЕЛ ОСМИ ПАТНИК: Шади Салех по грешка бил ставен на списокот од болницата

од Берта Китинска
227 прегледи

Бугарската „БНТ“ информираше дека е разрешена мистеријата околу осмиот патник, кој наводно е меѓу спасените од трагичната несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија.

Според телевизијата, грешката настанала во болницата „Пирогов“.

-Ставен е крај на мистеријата – зошто има несовпаѓање меѓу списокот на повредени во несреќата во и списокот на учесници во патувањето на македонската туристичка компанија.

Шади Науф ал Салех се јави во редакцијата. Тој објасни дека нема никаква врска со несреќата. Тој е бугарски државјанин, а во саботата бил примен на трауматолошкиот оддел на Пирогов поради скршеница на раката. Излегува дека во клиниката по грешка го внеле во списокот со повредени од автопатот Струма. Салех веќе е отпуштен од болницата, објави „БНТ“.

Оваа забуна се појави откако на денешната прес конференција на бугарското јавно обвинителство, е кажано дека од автобусот се извлечени 44 тела, а 8 од патниците преживеале. Претходно се сметаше дека загинале 45 патници.
Главниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески истакна дека во болницата било кажано дека осум лица се спасени.

-Претходно беше кажано дека со префрлувањето преку стаклата биле спасени седум лица, а од болницата информираа дека биле осуммина. Ние побаравме најпрво информација за тоа колку лица патувале во четирите автобуси, колку се евидентирани на граничните премини при излез од Македонија, додека пак бугарското обвинителство ја испитува околноста колку патници влегле на граничниот премин спрема Турција, вели Јовески во емисијата ТВ 21.

Тој информира дека при заплената на документацијата на компанијата „Беса транс“, биле известени дека нема списоци во писмена форма.

-Со самото тоа што автобусот ја напуштил земјава без да има валидна документација, без извод од лиценца, укажува дека до крај во рамките на дејноста на оваа туристичка организација не се запазувани сите процедури, истакна Јовески.

Бугарските истражители во четвртокот на прес-конференција ги изнесоа првичните согледувања за причините коишто ја предизвикале несреќата. Истрагата досега утврдила дека се работи за човечка грешка која била дополнета и од „лошата сигнализација на патот и банкината“, кои не биле според стандардите. Жртвите во автобуската несреќа починале како резултат на задушување во пожарот кој избувнал по сударот на автобусот со банкината. Досегашната истрага покажала дека ниту еден патник не настрадал од трауми како последица на самиот удар. „Сите загинати биле живи во моментот на избувнувањето на пожарот“, рече бугарскиот обвинител Борислав Сарафов на прес-конференција во Софија.

За тоа колку патници имало во автобусот се очекува да се разреши со споредба на биолошкиот материјал добиен со ДНК анализите во Скопје од родините на загинатите, со примероците земени од обдукциите на телата во Софија.
Резултатите добиени до ДНК анализата денеска треба да им бидат предадени на бугарските истражни органи, коишто треба да пристигнат во Скопје. Најавено е дека во земјата треба да допатуваат главниот обвинител Иван Гешев и истражител од Бугарија.

Слични содржини