Преспанскиот договор, со кој се реши спорот со Грција околу името на земјава, „е дел од уставот на Северна Македонија и е целосно обврзувачки за двете земји, како на меѓународно, така и на внатрешно ниво“, соопшти грчкото Министерство за надворешни работи како одговор на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
Министерството ја потсети македонската Влада дека уставното име на државата е „Република Северна Македонија“, како што е наведено во член 1 од Преспанскиот договор, во кој е вклучена и Македонија, и додаде дека „секој обид за фалсификување или измена на содржината на договорот никогаш нема да биде прифатен од грчката страна“.
Во исто време, грчкото Министерство за надворешни работи истакна дека Преспанскиот договор е дел од меѓународното право, чие почитување е основа за мирен соживот на народите и државите.
Како заклучок, министерството изјави дека „нема де факто ситуации во меѓународните договори, нивната примена е униформна и универзална“. „Напредокот во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот процес на соседната земја бараат строго почитување на договорите и почитување на принципот на добрососедски односи“, нагласуваа од грчката институција.
Премиерот Мицкоски во понеделникот на ТВ Сител рече дека го вратиле името, коментирајќи ги критиките од СДСМ дека не може да му се верува, меѓу другото, зашто ветуваше поништување на Преспанскиот договор. Наведе дека доказ за тоа е фактот што лидерот на СДСМ, Венко Филипче, почнал да кажува „Македонија“, откако додека СДСМ беше на власт, Филипче и другите функционери на партијата земјата доследно ја нарекуваа Северна Македонија.
„Ги гледам, аха, не можело на Мицкоски да му се верува, тој рече дека ќе го врати името, ќе го поништи (Преспанскиот) договор. Па, еве – го вративме. Па, дури и Венко, кому му беше устата полна со ‘северна’, сега користи Македонија“, рече Мицкоски.
Надоврзувајќи се во својата теза, тој рече дека е идентичен случајот и со други претставници на опозициската партија, кои, како што кажа, денес се претставуваат како најголеми патриоти, иако за време на нивното владеење беше постигнат Преспанскиот договор со Грција.
„Дури и СДСМ, која потпиша такви капитулантски договори како Преспнаскиот и прифати капитулација пред Бугарија, денес се најголемите патриоти, мислиш ќе тргнат да освојуваат територии, до таму устата им е полна со Македонија, ниту еднаш не кажале северна. Така што, еве – го вративме“, рече премиерот.