Не сакаме да ни се случи ГП Клепало, вели Николоски за пругата со Бугарија

од Nikola Popovski
72 прегледи

Зборуваме тука за изградба на патишта и пруги. Нема тука место за политика. Овие се егзактни работи. Тунел до пола не се гради, како и автопат до дупка не се гради. На хартија имате, но во суштина немате. Сега јас добро знам политички да се изразувам, ама би го лажел народот. Пруга со Бугарија ќе има кога ние и Софија ќе се договориме дека заеднички ќе ја изградиме пругата затоа што поентата е Скопје и Софија да се спојат, а не да не се спијат, вели министерот за транспорт и врски, Александар Николоски на денешната прес-конференција во Владата.

Николоски посочува дека и цената мора да е ревидирана и потенцира дека Македонија не може да плати 560 милиони евра за 24 километри пруга. Тој информира дека Бугарија конечно ги прифатила аргументите на македонската Влада. Очекува втор дијалог меѓу претставници на двете влади на 31 октомври во Софија.

-Не сакаме да видиме ГП Клепало. Од македонска страна е изграден пред 20 години, завршува до границата и од другата страна имате шума. Бугарија не го гради својот дел. Тој што некогаш тогаш го градел, наводно сакал некому да се допадне и кажал изградивме граничен премин со Бугарија, но граничен премин нема затоа што има шума од другата страна, рече министерот на прес-конференцијата.

По минатонеделната средба во Брисел, каде двете земји генерално ја потврдија посветеноста на Коридорот 8, македонското Министерство за транспорт соопшти дека Македонија не се откажува од поврзувањето со пруга кон Бугарија, но не може да се прифати реализација на проект кој што завршува во тунел за кој во Бугарија нема проект, ниту пак има извесност од бугарската страна дека се преземаат активности за железничко пооврзување.

Првата делница на пругата е од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар, втората е од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри, и третата од Крива Паланка до границата со Бугарија. Третата фаза и претходно беше презентирана како „најтешка и најскапа делница“, бидејќи во должина од 23 километри беа проектирани 24 тунели и 51 мост, што значи дека на секој километар треба да има по еден тунел и два моста, како и железнички станици кај Крива Паланка и кај село Жидилово.

Слични содржини