Средношколците од струшката гимназијата „Ибраим Темо“ излегоа на протест пред Основниот суд во Струга по вчерашниот инцидент во кој професор со тврд предмет повреди нивни соученик.
-Тука сме професорот да го добие тоа што го заслужи, да добие притвор. Ние не се согласуваме да биде пуштен. Судот да му додели притвор. Ние не сакаме да одиме со страв во школо, родителите нема да не пуштаат. Ако професорот е на слобода, ние нема да сме безбедни, изјави Сара Кадриоска, ученичка во „Ибраим Темо“.
Професор во струшката гимназија „Ибраим Темо“ со метален предмет повредил ученик. Настанот се случил вчера после 13 часот. Веднаш била повикана полиција, по што осомничениот професор бил приведен.
Како што информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски, полицијата го привела сторителот, 57-годишен стружанец.
– Во ОВР Струга приведен е Е. С. (57) од Струга, кој во средното училиште „Ибраим Темо“ го нарушил јавниот ред и мир и со метален предмет физички нападнал ученик во истото училиште. Се работи на целосно расчистување на настанот, изјави Димоски.
Ученикот бил примен на Хируршкото одделение со повреда на главата. Извршено е шиење и пуштен е на домашно лекување.