Крилото на Алијанса за Албанците предводено од Арбен Таравари излезе со првото соопштение откако ја напушти владеачката коалицијата. Оттаму велат дека будно ги следеле вчерашните критики од нивниот довчерашен коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ. Според АА, за очекување било во овие тешки денови на оваа Влада во неволја, да има клевети од апсурден вид, во целосно отсуство на политички аргументи.
-Смирено сме фокусирани на нашата работа кон oктомвриската победа и не сакаме со никакви навреди или псевдообвинувања да ја оптоваруваме ВМРО која во моментов има доволно маки. Самиот факт што ја напуштивме Владата по своја волја јасно покажува колку малку сме корумпирани, а можеби тоа е незамисливо за некои партии на власт. Алијансата за Албанците е на добар пат и во своите најдобри денови, тврдат од едното крило на АА.
ВМРО-ДПМНЕ вчера го обвини министерот Таравари дека пројавил интерес за бизнис-зделките на СДСМ и се интересирал за важни прашања за ДУИ. Според членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, Таравари никогаш не разговарал за Законот за јазици и никогаш не разговарал за законско регулирање на Балансерот.
-Не зборувал ниту некогаш некој го слушнал да зборува за ЕУ интеграциите, дека се блокирани поради наследениот спор со Бугарија, создаден токму од оние во чии прегратки сега оди. Но, знаеме дека се интересирал за концесионерот на паркинзи на Клинички центар Ѓока, затоа што е исфрлен од игра. Живо се интересирал за господинот Артан Груби, за господинот Зоран Заев и за нивните бизниси и важни прашања за ДУИ, рекоа од најголемата владеачка партија.
Од партијата на Христијан Мицкоски бараат Таравари да каже со што е уценет. Велат дека цената на таквата уцена треба да се бара во бизнис или друг вид на мотиви.
-Се потврди дека не е стабилен партнер со кого може да се гради политика. Тој треба да објасни на своите гласачи како сега за него ДУИ е правата вистинска и единствена опција, нагласија од владејачката партија.