Не се крши законот затоа што и денес и претходната влада е коалициска влада. Ако го погледнете мандатот кој што го дава претседателот на државата, тој го доделува на коалиција која има најмалку 61 пратеник. Така да со тоа ништо не се крши, рече претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, запрашан „дали се крши законот за Влада со тоа што собранискиот спикер Талат Џафери е предложен за нов технички премиер, а не некој човек од СДСМ“.
Тој истакна дека Ссе што е предвидено е предвидено во законот и не може со него да има импровизација.
-Не може едни закони да бараме да се почитуваат, а други закони да видиме што да правиме ако не се почитуваат. Законите постојат за да се почитуваат, кажа Ковачевски.
Тој потсети дека обврска на сите политички партии е да учествуваат во влада која треба на техничко ниво да ги спроведе изборите, посочувајќи дека сите партии согласно законот треба да ги делегираат своите претставници во техничката влада која што ќе работи 100 дена.
Владејачкото мнозинство предлага премиер во предизборието да биде актуелниот собраниски спикер Талат Џафери, додека координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски да ја добие претседателската функција во Собранието.
ВМРО-ДПМНЕ во следните денови ќе одлучи дали ќе номинира свои министри и заменици во техничката влада која треба да започне да функционира од 28 јануари следната година.