Не се само чоколадите – намалена е грамажата на многу производи, а нивните цени се зголемени

„Наместо 100 грами, добиваме 90, 85 или 80 грами чоколади, јаткасти плодови, паштети, чипсови... Истото го забележуваме и при купување на маслото за јадење 1 литар - 750 милилитри, јогуртот од вообичаената грамажа од 500 грами за шише, сега таа станува 450, а кога грамажата е 500, стои ознака дека „добиваме бонус“, велат од Организацијата на потрошувачи на Македонија за „Локално“

од Nikola Popovski
521 прегледи Фото: Фејсбук

Многу потрошувачи во светот, но и кај нас реагираат дека грамажата на чоколадите Милка е намалени од 100 на 90 грама, а нивната цена е зголемена. Но, не е само чоколадата, многу производители за да ја надополнат разликата поради зголемените трошоци на производство ги намалуваат грамажите и сметаат дека потрошувачите не го забележуваат тоа. Така шеќерот од еден килограм стана 900 грама, грамажата на јогуртот исто така се намали од кило на 900 грама, маслото за јадење стана 750 милилитри, паштетите по 90 грама, мајонезот во кесичка од 100 се намали на 90 грама…Оваа појава која се нарекува шринкфлација се користи во случаи кога не поскапуваат производите по секоја цена, туку се намалува нивната содржина, а се задржува истата цена.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија појаснуваат дека оваа појава кај нас постои од 2008 година, кога почнаа да се зголемуваат цените на производите. Оттогаш досега, намалена е грамажата на многу производи, што претставува сериозна закана за семејниот буџет.

– Сѐ повеќе при купување на производи се среќаваме со појавата покрај покачувањето на цената на производите да им е намалено и количеството, па така, наместо 100 грама, добиваме 90, 85 или 80 грама чоколади, јаткасти плодови, паштети, чипсови и други производи. Истото го забележуваме и при купување на маслото за јадење 1 литар, 750 милилитри и сл., јогуртот од вообичаената грамажа од 500 грама за шише јогурт, сега таа станува 450 грама, а кога грамажата е 500 грама, стои ознака дека „добиваме бонус“. Секако, ова е појава која ја забележуваме и кај непрехранбените производи, како на пример, кај шамивчињата за бришење се намалува бројот, тоалетната хартија, кремите за лице, лосионите…, објаснуваат од ОПМ.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/Сител тв

Производителите и трговците, пак, смислиле начин како да ја покачат цената преку намалување на количеството на производот, а воедно сметаат дека потрошувачите нема веднаш да го забележат намалувањето и ќе останат доследни при купувањето на омилениот производ.

Оваа појава не ја забележуваме само кај производите во продажната мрежа, туку и во рестораните, при продажба на брза храна, а се забележува кога има висока инфлација, односно кога компаниите имаат проблем со набавка на суровини, покачување на работната сила или, пак, зголемување на транспортните и трошоците за гориво.

Во овој период се забележува голема скриена инфлација која е поттикната од глобалната инфлација. Искуствата покажуваат дека откако ќе се намали количината на еден производ, таа не се зголемува кога околностите ќе се променат – намалени трошоци за гориво, транспорт, суровини и сл., напротив, останува иста или се намалува. Во време на инфлација се гледа дека сѐ повеќе производители прикриено ги зголемуваат цените и кај нас.

И потрошувачите забележуваат дека количина на производите е намалена, а цената е иста или зголемена. Шринкфлацијата во последниот период е најзабележана кај прехранбените производи инстант пијалаците со витамини, тестенините, маслото за јадење, маргаринот, чоколадата…, како и кај козметиката и храната за домашни миленици.

-Ова е нечесна практика кон потрошувачот, но дека не е забранета. Имено, намалувањето на количината на производот не е забранета практика, бидејќи не е во спротивност со важечкиот Закон за заштита на потрошувачите и со другите закони. Производителите не го информираат потрошувачот за намалувањето на количината на производите, туку честопати дури и се обидуваат да го скријат тоа со тоа што ќе го задржат изгледот на амбалажата непроменет, посочуваат од ОПМ.

Оваа појава не е забележана само во нашата држава туку потрошувачите во регионот на Западен Балкан, ЕУ и ширум светот реагираат и повикуваат на поголема претпазливост, односно да се внимава на етикетата и цената и бараат почесни деловни пракси.