Не треба да чекаме некој да биде згазен, Ангелов бара поширок пешачки остров во Ново Лисиче

од Берта Китинска
217 прегледи

Поширок пешачки остров на крстосницата на булеварите Србија и Видое Смилевски-Бато во Ново Лисиче денес побара директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.

„Добивме пријави од загрижени граѓани на кои се приклучувам и јас бидејќи живеам овде во непосредна близина“, вели тој.

„Имам две малолетни деца кои со велосипедите возат и на ова подрачје. Пешачкиот остров зад мене е исклучително тесен и на него кога ќе застане човек со велосипед невозможно е целиот велосипед да биде собран односно предното или задното тркало останува на коловозната лента, освен доколку велосипедистот го искоси велосипедот. Булеварот Србија е исклучително фреквентен, крстосницата со Видео Смилевски-Бато Возачите често возат со брзина поголема од дозволената и при движење право и при вртење во лево. Овој пешачки остров е многу фреквентен со пешаци затоа што овде постојано луѓето од Ново Лисиче кои се движат кон Аеродром застануваат, семафорот е кус. Се случува по десетина- петнаесет па и повеќе луѓе да стојат на ова тесно и небезбедно место. Ако на тоа додадеме неколку велосипедисти, а често има и родители со колички со бебиња, се создава гужва на овој пешачки остров и граѓаните се изложени на зголемена опасност“, рече директорот Ангелов.

Потсети дека проблемот постои 30 години, но смета дека сега е поизразен оти во Реонски центар Аеродром живеат илјадници луѓе. Иницијативата до Град Скопје за проширување на пешачкиот остров ја поднел денес и очекува брз реакција од Градот.

„Може да се изведе многу едноставно со поставување пластични столбови и скратување на коловозните ленти како што тоа се направи на повеќе места низ градот, особено онаму каде што имаме велосипедски патеки. На стотина метри од овде во тешка сообраќајна несреќа една жена загина, а потоа се постави семафор. Не треба да чекаме некој да биде згазен, некој да биде убиен и да загине на ова место за да се иницира ваква иницијатива“, вели Ангелов.

Слични содржини