Не треба да се губи драгоцено време – да се спроведат уставните измени и реформите, повика амбасадорката на Холандија во Македонија

Холандската амбасадорка Џанел: Го делиме ставот со ЕК дека овие уставни измени мора да се направат и важно е Македонија и регионот да ја завршат имплементацијата на потребните реформи

од Nikola Popovski
26 прегледи Фото: Embassy of the Netherlands in North Macedonia

Во своето обраќање на Осмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската Унија, што се одржа денес во Собранието, амбасадорката на Холандија во Македонија, Узлем Џанел, изјави дека земјата не треба да губи повеќе време, дека мора да се направат уставните измени и да се спроведат реформи.

„За Северна Македонија, клучниот предизвик е да се отклучи формалниот почеток на преговорите. Го делиме ставот со ЕК дека овие уставни измени мора да се направат и важно е Северна Македонија и регионот да ја завршат имплементацијата на потребните реформи, а специфичните области се владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, но и реформите во јавната администрација. Сите земји во регионот се соочуваат со празнини на пазарот на трудот, зголемена миграција на младите луѓе, покрај тоа, земјите се многу зависни од увозот на енергија и имаат празнини во инфраструктурата. Овие предизвици не можат да се решат веднаш, но важно е да се нагласи дека не треба да се губи повеќе време“, рече Џанел.

Уставните промени остануваат главен предизвик со кој се соочува земјата, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши, додавајќи дека „ниту едно билатерално прашање не треба да стане пречка на европскиот пат на земјата“.

„Остануваме подготвени за принципиелен дијалог со сите наши соседи, а напредокот на Албанија и Црна Гора (кон европска интеграција) е доказ дека политиката на проширување на Европската Унија е жива и дека нашиот регион може да се движи напред“, рече Гаши во своето обраќање на конференцијата под мотото „Реформи од другата страна на реториката: Регионални предизвици на патот кон Европската Унија“.

Лидерот на опозициската партија на социјалдемократите, Венко Филипче, посочи дека Македонија го добила најлошиот извештај за повеќе од една деценија и предупреди дека „доколку политиката на стагнација и одбивање на реформите продолжи, постои реален ризик земјата да се врати чекор назад во процесот на европска интеграција“.

„Доколку уставните измени се спроведат утре, сепак нема да можеме веднаш да започнеме преговори. Ова ја доведува во прашање политичката волја на оваа влада да преземе вистински чекори кон европска интеграција“, рече Филипче.