Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција изјави дека „не трпи директори кои што не платиле струја и сметаат дека нивните институции не можат да останат без струја бидејќи се витални“.
-Ако имаме енергетска криза две години, а некој не платил сметки три години, тогаш енергетската криза нема влијание. Не мислам овде на здравствените установи бидејќи тие имаа и други објективни причини заради зголемени трошоци за електрична енергија. Има институции кои што навистина е недозволиво да не платите струја. Секој домаќин прво дома ќе седне ќе ги види сметките и ќе ги плати и после тоа ќе продолжи со другите активности во текот на месецот, рече Ковачевски како одговор на новинарско прашање.
Тој вели дека е „несфатливо како може со години да не се плати струја“.
Премиерот потенцира дека за долговите кон ЕВН денеска ќе има состанок министерот за економија со сите други клучни компании и лица од енергетскиот сектор.
Ова следува откако ЕВН денеска ќе достави предупредување пред исклучување до државните институции кои со години не ги плаќале сметките за струја.