Не знам, не би можел да кажам – рече Томовски запрашан дали имало злоупотреби во работата на владината СОЗР

За констатираната разлика од страна на ДЗР, од околу 70 илјади евра односно прехранбените разлики во магацините на владините бифеа, директорот на СОЗР, Ивица Томовски вели дека има „некакви разлики“

од Nikola Popovski
96 прегледи Фото: Принтскрин/МИА

За констатираната разлика од страна на ДЗР, од околу 70 илјади евра односно прехранбените разлики во магацините на владините бифеа, директорот на СОЗР, Ивица Томовски вели дека има „некакви разлики“, но, не сака понатаму да одговори бидејќи, како што вели, има постапка која ја води Бирото за јавна безбедност при МВР.

-Да оставиме институциите да го разрешат случајот, потоа можеби ќе дадеме некоја заедничка изјава. Не знам, не би можел да кажам навистина, рече Томовски запрашан дали можеби станува збор за злоупотреба.

Во соопштението на Државен завод за ревизија се наведува дека не се изготвува „книга на дневни финансиски извештаи“ со податоци за промет и ДДВ, дека уплатата на средства од готовина се врши со задоцнување од неколку месеци, па дури има и уплати што потекнуваат од 2023 година. Дополнително, поради прекини во одржување на фискалната апаратура е забележан низок „дневен пазар“, а за јуни 2024 година не се издавале ниту фискални сметки ниту парагон-блокови за готовински промет.

Во извештајот пишува дека Службата располага со 45 службени возила преку лизинг, но без анализи за реалните потреби и без јасни процедури за нивно планирање и користење.

Ревизорите утврдиле и дека значаен дел од работните задачи ги извршуваат лица ангажирани преку агенции за привремени вработувања. Само во една година, 21 лице примило над 3,2 милиони денари, иако работеле редовни, систематизирани работни задачи.

Посебно загрижувачки се наодите за угостителските услуги што ги нотирале ревизорите. Работата на владините ресторани и бифеа се уредува со Упатство од 2010 година, а цените се утврдуваат со ценовник според кој храната и пијалоците првично се зголемуваат за 15 отсто, а од август 2024, за дури 50 отсто.

На крајот на 2024 година, залихите на храна и пијалаци се проценети на 2,3 милиони денари, но ревизијата покажува дека евиденцијата се води неуредно – дел од приемите се евидентираат веднаш, дел само еднаш годишно, а издавањето од некои објекти се бележи редовно.