Оваа комбинаторика во Парламентот нема да влијае врз добивање на мнозинство за уставните измени. Позицијата на ВМРО-ДПМНЕ е јасна, иако не ја кажува на тој начин – уставни измени после избори, кога тие ќе бидат на власт, бидејќи нивната калкулација е таква. Оваа реторика ќе има еден или два, но не сум сигурен дека ќе се стигне до 80 гласови освен ако не се направи некаков договор, вели политичкиот аналитичар Бесим Небиу во емисијата „24 отворено“.
Според него, најголемата опозициска партија е во незавидна положба.
-Ќе изгубат гласачи пред избори ако прифатат да гласаат за уставните измени. Јасно е дека нема да има придвижување кон евроинтеграциите без овој чекор и без опозицијата. Вториот факт е дека меѓународната заедница и САД имаат инвестирано огромен политички капитал во ова прашање во последните година дена. Ако не се случеше конфликтот во Украина, немаше да има француски предлог и во јуни ќе имаше уште едно бугарско вето, без разлика што премиер таму беше Петков. Ова е за да се тргне целиот Балкан од точката во која се наоѓа. Има огромна инвестиција. Не е прашање дали ќе се смени Уставот, туку кога ќе се смени, смета Небиу.