„За разлика од Еди Рама, кој јасно изјави дека Албанија нема да создава кампови за мигранти, кај македонската влада немаше таква експлицитност. Откажувањето на интервјуто за The Times само ја засили перцепцијата дека се избегнуваат теми што бараат јасен став“, вели аналитичарот Бесим Небиу по посетата на владината делегација на Велика Британија.
Во отсуство на јасна порака, додава тој, се создава простор за шпекулации – особено кога постојат информации за договори со британски компании и консултанти, или за потенцијални заеми во милијарди. Без конкретни објаснувања, според Небиу, таквите теми лесно можат да се политизираат и да станат алатка за дневно-политички напади, што на крај ја ослабува довербата во институциите.