Недела неработен ден: Бизнисот се противи, за синдикатите денот е за одмор

од Берта Китинска

Во Уставниот суд стаса иницијативата за оспорување на Законот за работни односи, за недела неработен ден.

Уставниот суд информира дека Стопанската комора на Северна Македонија поднела две иницијативи да се оформат предмети во врска со недела-неработен ден.

Едната иницијатива се однесува на измените на Законот за работни односи со кој недела се прогласува за неработен ден, освен во одредени дејности кои се наведени како исклучоци.

„Подносителот го оспорува Законот за изменување и дополнување на Закон за работни односи објавен во „Службен весник на РСМ” бр.288/21, како спротивен на слободата и пазарот на претприемништво, темелните вредности и еднаквоста на граѓаните. Оспорениот закон се однесува на уредување на работата во недела.“, соопшти Уставниот суд.
Другата иницијатива се однесува на измените на Законот за трговија со кои трговија на мало не може да се врши во недела и на празници, освен во молови, на бензински пумпи, специјализирани продавници во туристички места, на манифестации-настани, зелени пазари и ако сопственикот сам си работи во дуќанот.
„Се оспоруваат одредби кои се однесуваат на работното време, инспекцискиот надзор и прекршочни санкции. Според подносителот оспорените одредби биле во спротивност со слободата на пазарот и претприемништвото (член 8 алинеја 7), владеењето на правото (член 8 алинеја 3) и начелото на еднаквост (член 9) од Уставот“, информира Уставниот суд.

Претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија на вонредна седница расправаше за информацијата за поднесената иницијатива пред Уставниот суд од страна на Стопанската комора на Северна Македонија со која се оспоруваат измените на Законот за работни односи со кои се уредува работата во недела.

– Недела ден на неделен одмор е реалност колку и тоа на „газдите” да не им се допаѓа, а не им се допаѓа поради тоа што ги полнеа џебовите на грбот на работниците кои им работеа без да ги плаќаат. ССМ нагласува дека согласно член 11 од Уставот „Се забранува присилна работа.”, согласно член 32 од Уставот „Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор”, а „Од овие права вработените не можат да се откажат” и истиот член утврдува дека „Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори” соопштија од ССМ по седницата на претседателството.

Оттаму велат дека правото, ден на неделен одмор да биде недела е уредено во Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи Сл.Весник бр.288 од 21 декември 2021 година и Законот за изменување и дополнување на Законот за трговијата Сл.Весник бр.295 од 27 декември 2021 година што е во целост согласно горенаведеното и член 32 од Уставот на Република Северна Македонија оти секој вработен има право на платен неделен одмор и дека од тоа право работниците не смеаат да се откажат, а работодавачите не смеат да го ограничат.

– Милиони денари на работниците ( кои работеле во недела без никакви ограничувања, а не биле плаќани за тоа) завршувале во џебовите на „газдите” се причината за иницијативата поднесена од нивна страна до Уставниот суд. Пример само за 8 отсто од работниците кои согласно Законот за работните односи и Законот за теговија би работеле во денот недела согласно податоците на ДЗС –АРС за Третиот квартал 2021 година, бројот на вработени изнесува 796 671 лица , 63 734 лица се вработени. Доколку сите 63.734 работници, односно 8 отсто, работат во ден недела, дневницата за работа во недела на минималната плата од 15 194,00денари ќе им изнесува 1.140,00 ден. (760,00 + 50 отсто),ќе треба да им исплатат вкупно 72 656 760,00 ден на работниците, односно ако ги работат сите четири недели во месецот, работодавачите треба да им исплатат 290.627.040,00 денари на работниците. Доколку работниците примаат просечна плата од 29.145,00 ден. дневницата изнесува 2.186,00 ден. (1457,00 +50%) треба да им се исплати 139.322.524,00 денари, односно ако ги работат сите четири недели во месецот треба да им се исплати 557.290.096,00 ден. Во пресметките не се вклучени придонесите кои треба да се уплатат на државата. Прашуваме, како ако досега овие средства останувале во џебот на овие исти „газди” кои поведуваат иницијатива поради тоа што работниците им работеа во недела без додаток на плата, тие се на работ на егзистенцијата, а не е работникот, истакнуваат од ССМ.

Министерот за економија Бектеши, чии измени во Законот за трговија бизнисот ги оспори пред Уставен, вели што и да одлучат судиите тие ќе мора да го почитуваат.

Недела неработен ден стапи на сила од први јанаури годинава, откако претходно во Собранието пратениците ги изгласаа законските измени во законот за работни односи.
Со законот се предвидува дека недела е неработен ден за 92 отсто од работниците во земјава. Исклучок се оние работни места каде не може да се прекине работниот процес.

Со измените оние кои ќе бидат ангажирани на работа во недела треба да добијат за 50 проценти повиоска дневница, во трговијата пак 100 проценти, но и слободен ден во текот на неделета.

Слични содржини