Неделкова: Не сум добивала подароци,повеќе сум љубител на бисери отколку на ’Сваровски’

од desk3
145 прегледи

По разговорите што ги објави СДСМ во коишто наводно судиите се избираат партиски и се колнат пред носителите на извршната власт, претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова изјави дека граѓаните треба да веруваат во правораздавањето на судиите во Македонија.

nedelkova-sud500-480x305

Неделкова соопшти дека ги слушнала објавените разговори на опозицијата, но не знае дали тоа било навистина така. „Не ми е познато што се правело, тоа треба да ги прашате тие што тоа го правеле“, вели Неделкова.

Името на Лидија Неделкова се споменува во еден од објавените разговори во коишто наводно директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков зборува со судијката Софија Лаличиќ и ја информира дека ја избрале за судија во Основниот суд Скопје 1, иако конкурсот за избор сé уште не бил завршен.

Во разговорот Лаличиќ вели дека „токму Лидија“, се претпоставува дека мисли на претседателката на Врховниот суд, лобирала да се избере судијката Лидија Петровска за судија во Основен Суд 1, на истиот конкурс заедно со Лаличиќ. Втората во презентираниот разговор уште тврди дека Петровска ја „купила“ со подароци „Сваровски“.

Неделкова, пак, не е сигурна дека токму таа е судијката за којашто разговараат, но тврди дека никогаш не добивала подароци.

„Јас немам што да го коментирам тоа, бидејќи јас не чув дека токму јас сум таа . Беше споменато Лидија, но има многу Лидии во судството, не знам дали сум баш јас таа. Не сум добивала подароци, како што гледате повеќе сум љубител на бисери отколку на ’Сваровски’“, изјави Неделкова.

И претседателот на Здружението на судии, Николчо Николов не сакаше да ги коментира објавените снимки и тврди дека судиите судат по Устав, закон и меѓународни договори.

„Евентуалните обвинувања за тоа како се избираат судиите, мислам дека треба да ги упатите во Судскиот совет, дали тоа што се пласира во јавноста преку некои наводни прислушувани разговори, автентични или неавтентични затоа што за мене секое прислушување е забрането надвор од она што е дозволено со евентуалните одобрени ПИ мерки во законска постапка. И оттука не сакам да навлегувам и да коментирам што се зборува во тие изјави и соопштенија. Она што здружението може да го коментира е во врска со работата на судиите и нивното поимање и прифаќање на судскиот кодекс“, рече Николов.