Недимовиќ: Укинати се границите меѓу земјите од „Отворен Балкан“ во областа на земјоделството

од Nikola Popovski
221 прегледи

Министерот за земјоделство на Србија, Бранислав Недимовиќ по денешната средба во Охрид со министрите за земјоделство на Северна Македонија и Албанија изјавил дека се укинати границите меѓу земјите од „Отворен Балкан“.

Недимовиќ истакнал дека една од најважните теми на средбата била храната, односно нејзиниот транспорт меѓу земјите од „Отворен Балкан“.

„Една од првите завршени работи во рамките на Отворен Балкан е токму во областа на земјоделството, при што веќе нема граници кога храната ја преминува границата меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија“, изјавил Недимовиќ за Танјуг.

Тој објасни дека храната што доаѓа во Србија од Албанија се третира како да потекнува од Србија и обратно, така што се признаваат сите сертификати.

Министерот посочил дека на граничните премини има посебна лента за камиони, во која нема застанувања.

„Се што ни претставуваше проблем во претходните години веќе не постои и тоа може да го потврдат компаниите од сите три земји, што е најважно, од 3 јануари кога почна имплементацијата на Отворен Балкан до 1 јуни, 6.400 камиони ги поминале границите, што е за 13 отсто повеќе од лани во исто време“, истакнал Недимовиќ.

Тој додал дека овие резултати ќе биле подобри доколку немало проблеми предизвикани од кризата во Украина и забраната за извоз.

Недимовиќ истакнал дека Србија прва излегла во пресрет на Албанија и Северна Македонија за да им помогне кога ситуацијата со пченицата и пченката била тешка.

Слични содржини