Објавени се фотографии и записник од возилото марка „бмв“ кое е во сопственост на Министерството за односи меѓу заедниците, за кое министерот Иван Стоилковиќ обвини дека личи на „искубана кокошка“. Според Стоилковиќ, автомобилот вреден 60 илјди евра е пронајден во многу лоша состојба во сервисот. Тој се уште не бил подигнат од сервисерот.
Како што истакна, министерот, недостасуваат делови на возилото. Левата предна врата и левото предно крило се демонтирани и на нивно место биле ставени делови од друго возило. На моторот му недостасувале делови. Предниот браник бил демонтиран и висел. Двете брави од левата страна биле целосно извадени. Извадени биле и тапацирите од двете врати од левата страна. Во багажникот биле оставени делови за кои не може да се утврди дали се од „бмв-то“.
Стоилковиќ за ова ќе ја информира Владата на затворена седница и согласно заклучоците, ќе ги достават наводите до надлежните институции.
-Кога ги видов сликите, бев изненаден. Внатрешност менувана, менувани делови. Срамота е да се најде во таква состојба. Несериозен однос кој ресурите кои државата ви ги дала на располагање. Не сакаме да го подигнеме бидејќи бараме записници, а нема такви за тоа како е предадено. Замислете немаат документација во Министерството на кои можете да се повикате…, рече Стоилковиќ за емисијата „Код“.
Стоилковиќ неодамна обвини дека за време на мандатот на неговиот претходник Артан Груби биле потрошени преку 20 илјади евра за угостителски услуги во ќебапчилниците „Пчела“ и „Далма кетеринг“. Стоилковиќ ги откри овие информации во подкаст, оценувајќи ги како „фрапантни злоупотреби“.