Недостигаат лични работи на загинатата Ивона во „Пулс“, мајката со апел: „Како можете да носите нешто кога знаете дека е од невино убиено дете?“

„Ве молам, ако некој несакајќи или по грешка земал работи што не му припаѓаат, да ги врати кај вистинскиот сопственик – кај мојата убиена ќерка“, објави Стојка, мајка на Ивона Антова

од Nikola Popovski
25 прегледи Фото: Фејсбук/Стојка Иванова Антова

Одделението за внатрешни работи Кочани информира дека во врска со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, започнува постапката за враќање на личните предмети пронајдени на местото на настанот. По тој повод, апел на социјалните мрежи испрати Стојка Иванова-Антова, мајка на загинатата Ивона Антова.

Таа бара сите кои биле во полициските простории или имале контакт со предметите пронајдени по увидот, да ги вратат спомените од нејзината ќерка.

„Ве молам, ако некој несакајќи или по грешка земал работи што не му припаѓаат, да ги врати кај вистинскиот сопственик – кај мојата убиена ќерка.

Како можете да носите нешто кога знаете дека е од невино убиено дете? Се бара да се вратат: кожено долго палто – мантил, нараквица од „Tiffany & Co“, сребрена нараквица дебела исти како на сликите, обетки од „Swarovski“, прстени, очила од „Emporio Armani“, зелен „IQOS“.

Шминките не се важни. Но ова се нејзини лични работи и треба да се вратат таму каде што припаѓаат. Знаете каде треба да ги вратите. Не барам ништо туѓо. Барам само она што беше на моето дете. Вратете ги со мирна совест, зашто тоа се спомени од еден млад живот што згасна прерано. Една мајка ве моли“, стои во објавата на мајката.

„Се известуваат сите повредени лица, блиски членови на семејствата на починатите, како и други лица – посетители за време на настанот, дека во периодот од 02.03.2026 (понеделник) до 06.03.2026 (петок), во времето од 09:00 до 18:00 часот, можат да се обратат во просториите на Одделението за внатрешни работи Кочани, на ул. „Тодосија Паунов“ бр. 12. Целта на посетата е идентификација и враќање на личните предмети кои биле пронајдени при увидот, а кои им припаѓаат на повредените и на починатите лица“ – информира ОВР Кочани.

Во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

За пожарот во Пулс се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.

На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.