Сите седум проекции за населението во Република Северна Македонија до 2070 година на Државниот завод за статистика (ДЗС) упатуваат на намалување на вкупното население во земјава.
Набљудувано по проекциски варијанти населението на земјата, од појдовните 1.832.000 во 2022 година, до крајот на проекцискиот период би се движело во интервал од 501.200 (константна варијанта), до 1.485.700 (варијанта без миграции).
Доколу ништо не се промени и останат параметрите од 2022 година вкупното население до 2070 ќе се намали на 1.3 милиони жители.
Проекциите се под претпоставка дека во земјата и регионот нема да има војни, ќе има нормална и стабилна внатрешнополитичка состојба, во првата половина на 2030-тите ќе се заврши процесот на асоцијација во ЕУ, ќе има економски развој и нема да има големи здравствени состојби.
Директорот на ДЗС Апостол Симовски, посочи дека проекциите на населението претставува моделирање на демографската иднина, базирано на претпоставки за движењето на морталитетот, фертилитет и миграции во дефинираните период, без утврдување на веројатноста на нивното остварување.
Според публикацијата, набљудувано по проекциски варијанти населението на земјата, од појдовните 1.832.000 во 2022 година, до крајот на проекцискиот период би се движело во интервал од 501.200 (константна варијанта), до 1.485.700 (варијанта без миграции).
– Тоа значи дека задржувањето на вредностите на компонентите на движењето на населението на ниво на 2022 година (стапка на вкупен фертилитет од 23% под потребниот за замена на генерацијата, за европските стандарди релативно кратко очекувано траење на животот од 76 години и многу висока нето-емиграција од преку 14 илјади лица годишно), би довело, до крајот на проекцискиот период, до енормно намалување на населението од 1,3 милиони лица, покажува публикацијата на ДЗС.
Истовремено, остварувањето на варијантите кај кои е претпоставено изостанување на надворешни миграции, со умерено зголемување на нивото на фертилитет, како и континуирано и релативно интензивно намалување на смртноста, би резултирало со намалување на населението за „само“ 346 илјади лица или за една петтина (19 проценти) во однос на почетокот на проекцискиот период.
Кај останатите пет варијанти, разликите во интензитетот на намалувањето на бројот на населението би биле помалку изразени, но, сепак, прилично интензивни. Според варијантата на средниот фертилитет, вкупното намалување би изнесувало 35 проценти (од 1,8 на 1,2 милиони жители).
Истовремено, остварувањето на варијантата на висок фертилитет би резултирало со намалување на населението за 23 проценти (од 1,8 на 1,4 милиони). Треба да се истакне дека единствено според таа варијанта, намалувањето на населението не би било континуирано. Имено, под претпоставка на остварување на релативно брзо зголемување на фертилитетот, кој почнувајќи од 2034 година би се стабилизирал на 2,03 деца по жена, би можело да дојде до стопирање на процесот на намалување на населението, но дури после три децении, односно почнувајќи од 2064 година. Тоа укажува на комплексноста на демографската состојба во земјата, која најдобро се согледува преку ефектите од негативното миграциско салдо и многу интензивниот и напреднат процес на стареење на населението.