Челниците на Реал Мадрид за идната недела закажаа средба со репрезентативецот на Бразил, Винисиус Жуниор на која ќе разговараат за продолжување на договорот со еден од најдобрите играчи во светот, пренесуваат шпанските медиуми.
Првотимецот на актуелниот европски шампион има валиден договор со шпанскиот гигант до 2027 година, според кој секој клуб што сака да го ангажира мора да плати милијарда евра, но на „Сантијаго Бернабеу“ веќе размислуваат за иднината.
Мадриѓаните се исклучително заинтересирани да му понудат нова соработка на дваесет и четиригодишниот фудбалер, а според информациите на медиумите од Пиринејскиот Полуостров, тој нема ништо против да остане во главниот град на Шпанија.
Бразилецот сака да ја освои „Златната топка“ како најдобар фудбалер на светот во годините што претстојат, што на изненадување на многумина му побегна годинава во последен момент, а според него нема подобар клуб каде што тој може да ја освои од Реал Мадрид.
На стадионот „Сантијаго Бернабеу“ стравуваат дека Бразилецот би можел да замине во Саудиска Арабија, чии клубови се заинтересирани да го доведат и немаат проблем да платат онолку колку што треба, па не би било изненадување доколку откупната клаузула во неговиот договор се зголеми.
Винисиус оваа година одигра 14 натпревари во Примера и Лигата на шампионите во дресот на Реал Мадрид, каде постигна осум гола и им даде четири асистенции на играчите.