Кинеските медиуми, политичари и навивачи го критикуваа Лионел Меси за неговото учество на вчерашниот натпревар во Јапонија, откако неколку дена претходно го пропушти пријателскиот натпревар во Хонг Конг. Многумина останаа разочарани откако 36-годишниот Аргентинец не се појави на теренот во неделата пред преполниот стадион.
Државниот медиум „Глобал тајмс“ го обвини Меси и неговиот клуб Интер Мајами дека имаат „политички мотиви“ за да го „посрамат“ Хонгконг.
„Натпреварот во Хонг Конг беше единствениот во претсезоната во кој Меси не учествуваше. Се покренаа сомнежи за чесноста на Интер Мајами и самиот тој. Имаше луѓе кои патуваа 12 часа до градот само за да го видат“, напиша „Глобал тајмс“.
Меси доби неверојатен пречек во Пекинг минатото лето кога Аргентина играше таму при контролна против Австралија. Тој, исто така, има рекламни договори со некои од најголемите кинески компании. Тој учествуваше на тренинг во Хонг Конг пред полн стадион. Следниот ден, сепак, остана на клупата за натпреварот против колективен тим од локални фудбалери.
Аргентинецот на социјалната мрежа „Веибо“ им се извини на кинеските навивачи непосредно пред средбата со Висел Коби и рече дека се срами од фактот што не може да биде на теренот поради повреда. „Сите што ме познаваат знаат дека секогаш сакам да играм, особено на натпревари каде што многу патувавме и сите се возбудени што не гледаат. Се надевам дека ќе можеме повторно да се вратиме во Хонг Конг“, изјави Меси.
Сепак, извинувањето не беше толку добро прифатено од голем дел од фановите. Некои го поддржуваат, но во коментарите под неговата порака, некои го нарекоа „измамник“ и „ѓубре“. Според некои Кинези, Лео сакал само да им ги земе парите на кинеските навивачи, додека на јапонските навивачи им пристапил поинаку.
Секретарот за култура, спорт и туризам на Хонг Конг, Кевин Јанг, рече дека на државните функционери постојано им било кажувано дека Меси ќе игра, но биле информирани 10 минути пред натпреварот дека ѕвездата е повредена и дека нема да може да земе учество на натпреварот . „Веднаш ги замоливме да бараат начини за компензација, како на пример Меси да излезе на теренот за да им се обрати на навивачите и да го добие трофејот. За жал, како што видовте, тоа не се случи“, рече Јанг.
Друг претставник на властите во Хонг Конг – Регина Јип, беше поекстремна според нејзиното мислење: „Жителите на Хонг Конг ги мразат Меси, Интер Мајами и „црната рака“ зад намерното и пресметано откажување. Не треба да му се дозволи на Меси да се врати во Хонг Конг. Неговите лаги и лицемерие се срамота“.