Основното јавно обвинителство Велес оформи предмет по допрен глас за да се проверат информациите дека негувателка во детската градинка „Димче Мирчев“ Велес им давала да пушат електронска цигара на децата од нејзината група.
Во насока на испитување на евентуални основи на сомнение за кривично дело на запуштање и малтретирање дете, надлежен јавен обвинител издаде наредби и насоки до МВР за преземање на дејствија кои вклучуваат да се извршат разговори со лица (вработени и родители) кои би можеле да имаат определени сознанија за настанот.
Се преземаат и други дејствија, а предметот е во фаза на предистрага.
Веднаш по дознавањето на случајот МТСП испрати вонреден инспекциски надзор. Од надзорот е констатирано дека од страна на директорката на Јавната установа „Димче Мирчев“, Општина Велес, на ден 3.10 2023 година е донесен Налог за отстранување на работник од работа, согласно Законот за работни односи, со кој вработената се отстранува од работа во установата односно се суспендира.
„Информацијата е точна. Негувателката е суспендирана и покрената е дисциплинска постапка. Имаме изјави од родителите а земени се изјави и од вработени и раководител на објектот“, изјави Маја Велинова директорка на градинката.