Нехумани услови во затворите: Во „Идризово“ осудениците спијат меѓу лебарки на под и немаат топла вода

од Nikola Popovski

Народниот правобранител Насер Зибери денес го презентираше својот заклучок за условите во затворите во Македонија. Тој информира дека генерално условите во затворите се „мизерни“.

-Условите во кои што се сместени осудените лица во затвореното одделение, како и во амбулантата на затворот Идризово можат да се опишат како нехумани. Констатиравме дека се сместуваат и по 16 лица во една просторија. Осудените лица сместени во овој оддел беа затекнат како спијат на сунгери на под, во ходници, во импровизирани метални кревети и ставени еден врз друг на три ката. Просториите се полни со лебарки, инсекти, бубашваби, хигиената е на исклучително ниско ниво. Осудените лица се жалат и дека немаат пристап до топла вода и одржување на личната хигиена. Во однос на материјалните услови, сериозно и загрижувачка е состојбата во затворот „Шутка“. Се користат простории кои што се наоѓаат во лоша материјална состојба. Притворениците се сместени со високо ниво на влага и мувла по ѕидовите, опремени со несоодветени кревети и душеци, несоодветни санитарни услови и расипани чешми, рече меѓу другото Зибери.

Според него, посебен проблем е стигматирачкиот и дрзок третман на вработените во затворите.

-Поплаки имаше во повеќе казнено-поправни установи, како и закани со физичко малтретирање. Затворениците стравуваат да ги изнесат своите искуства. Има и недоволен број на затворски персонал, односно затворски полицајци. Проблемот со недоволен персонал е заеднички речиси за сите казнено-поправни установи. Тимот на националниот превентивен механизам констатираше практика на користење кожни ремени и лисици, што е акт што може да се заведе како нехуман и деградирачки третман, информира Омбдусманот.

Народниот правобранител потенцира дека и покрај ветувањата на властите, состојбата не е променета и упати апел до Министерството за здравство и Министерството за правда дека ова мора да им биде приоритет во клучните реформи.

Слични содржини