Неизвесности околу историскиот автопат Кичево-Охрид: „Немаме потпишано нов Анекс, ВМРО-ДПМНЕ дава ветувања, а немаме видено анализи“

од Nikola Popovski
458 прегледи

И после една деценија од почетокот на изградбата, се уште е неизвесно кога ќе биде готов историскиот автопат Кичево –Охрид. Пред десетина дена, на увид на состојбите со изградбата на делницата беа од Надзорот на изградбата на автопатот, чиј главен изведувач и кинеската компанија „Синохидро“, заедно со професори од Градежниот факултет во Скопје, како и првите луѓе на Министерството за транспорт и врски, министерот Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми. Од Надзорот ја смируваа јавноста дека свлечиштата кои сега се вкупно 13 на број, не се последица на грешки во планирањето и истражувањето на теренот, туку природна појава која не може да биде предвидена. Беше најавено дека трасата ќе претрпи ново проектирање и решенија.

„Синохидро“ доби продолжување на рокот за изградба на автопатот за што ќе биде потребно да се потпише нов анекс договор кој ќе мора да го одобри Собранието затоа што делницата се гради со договор кој е закон. Во меѓувреме, од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека автопатот ќе се доврши доколку дојдат на власт. Од партијата дури најавија и конечен рок – до крајот на 2026 година. Се поставува прашањето дали ваквите најави се реалност или се работи само за „предизборно ветување“.

Поранешниот министер за транспорт и врски и актуелен пратеник во Собранието, Љупчо Балкоски жали што досега нема стручно лице кое ќе даде рокови за изградбата, туку тоа го прават само политичари. Според него, не треба роковите да ги даваат политичари за вакви инфраструктурни проекти, туку експертите.

-Затоа јас разговарав во Собрание и го повикав Министерството и надзорните органи, да ни кажат кој рок е оптимален за проектот. Тој може да се заврши, но да видиме кога треба да се заврши, вели Балкоски во разговор за „Локално“.

Љупчо Балкоски

Кога истече договорот пред Нова година, додава Балкоски, Владата кажа дека ќе дојдат експерти од ФИДИК кои што ќе кажат на каков начин ќе се продолжи, како и рокот.

-Тоа не го видовме досега. Од ВМРО-ДПМНЕ гледаме ветувања, но не ги знаеме сите анализи што ги имаат направено експертите и да ја видиме комлетната состојба. Треба да најдеме начин како ќе се справиме со тие 13 свлечишта и тоа да биде автопат кој што ќе биде сигурен во поглед на возењето. Дали тоа ќе биде пред или после 2026 година… јас верувам дека може да биде пред 2026, ако се направи нов проект за свлечиштата. Имаме доволно стручни лица, наши градежни компании, Градежниот факултет и тоа може да биде и пред 2026, но само треба добра организација и секогаш да се почитува мислењето од стручната јавност, оценува поранешниот министер.

Балкоски информира дека во Собрание се уште не е стигнат Анекс договорот за продолжување.

-Владата дала согласност дека треба да се продолжи, меѓутоа немаме ништо и јас не знам дали на терен се изведуваат работите. Ако се изведуваат, на кој начин се прави тоа, со оглед дека немаме потпишан анекс-договор. Тој Анекс подлежи на Законот што е донесен во Собрание. Што доведе до тоа кога политичарите почнаа да даваат рокови, наместо надзорот и изведувачот да кажат какви пречки имаат и што треба да се направи за да се заврши. Тој Анекс требаше да се донесе пред постоечкиот договор и тоа да биде до пред декември 2023 година. Сега имаме ваакум од два месеци, не знаеме дали се работи и не ја знаеме динамиката, но реално добри месеци испуштивме во работата, што значи вкупно четири месеци затоа што политиката се вмеша, истакнува Балкоски.

Пратеникот потенцира дека ако не се изгласа Анексот до 1 април, „после тоа влегуваме во изборна кампања и ќе не фати месец јуни…“.

-Работата е поминатото време. Се работи надвор од законот. Треба да се изврши контрола на терен и да се види динамикатата. Не требаше да се дозволи уште во септември или октомври 2023, кога се знаеше дека нема да се стигне на време, заклучува Балкоски.

Горан Марковски

Деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски оценува дека не е сѐ така црно како што изгледа, нагласувајќи дека сите мостови се готови и според сите стандарди. Најдолгиот мост е повеќе од половина километар и со распон од 165 метри и него го градеа македонски компании, односно „Гранит“. Тој посочи дека има и други големи градежни достигнувања, кои како искуство ќе се користат и при други проекти.

– Ова носи дополнителен ризик. Кога е почнат проектот на оваа траса во 1999 година, стратегијата во проектирањето на вакви автопатски делници беше да има што повеќе земјени работи. Ако денес го проектирамвме ќе имаше повеќе тунели и галерии. Би бил поскап, но ќе се завршеше побрзо, рече професорот.

 -Времето покажа дека теренот е толку нестабилен што знаењето и технологиите што ги поседуваме се премали за да ги разрешат овие проблеми. Станува збор за многу специфичен терен, со многу лоши карактеристики, додаде Марковски.

На крајот на 2023 година, заврши третиот предвиден рок за завршување на автопатот Кичево-Охрид, што почна да се гради во 2014 година. Според договорот, по 57 километри нов автопат требаше да се вози уште во 2018 година. Бидејќи дотогаш работите не беа ни до половина, со анекс се продолжи рокот до 30 јуни 2021, но, и тој се промаши, па повторно со анекс се предвиде нов, 31 декември 2023 година. Цената на градежните работи останува иста, 598 милиони евра, или над 10 милиони евра по километар. Ако се гледа основниот договор, досега се изградени 90 проценти од автопатот. Но, според анексот со кој се предвидоа и дополнителни работи реализацијата е 62 проценти.

Автопатот Кичево–Охрид е најголемата инфраструктурна инвестиција со децениска изградба, кој и покрај дополнителен заем од 180 милиони американски долари, пролонгирање на изградбата за шест години и зголемување на вредноста на договорот за 45 отсто, сè уште не е изграден.

Според ДЗР, најголем дел од материјалните средства, односно парите на Јавното претпријатие или 46 отсто од нив (55 048 838 000 денари или околу 895 милиони евра), биле средства во подготовка, а се однесуваат на изработка на проектни документации, извршени експропријации, изградби, реконструкција и рехабилитација на државните патишта и нивен надзор.

До денот на завршување на ревизијата на првата, втората и четвртата подделница, ревизијата констатирала дека се појавиле 11 нови свлечишта, а наведува дека се можни и нови, кои дополнително би можеле да наложат потреба од нови измени и дополнувања на основниот проект за надминување на состојбите. Ова, како што се наведува, води до пролонгирање на рокот за завршување на автопатот и дополнителни финансиски средства.

Н.П.

Слични содржини