Девет години по преселбата во Барселона, на Нејмар ќе му се суди за нерегуларности во трансферот од Сантос. Бразилскиот репрезентативец е обвинет за измама и корупција. Заедно со него, меѓу обвинетите се и родителите на фудбалерот на Пари Сен Жермен, како и двајцата поранешни претседатели на Барселона – Жосеп Марија Бартомеу и Сандро Росел.
Тужбата, која ја поднесе инвестицискиот фонд DIS, трае со години, но сега има датум за судење. Ќе започне на 17 октомври и треба да трае до крајот на октомври, што е неколку недели пред почетокот на Светското првенство во Катар.
Инвестицискиот фонд DIS поседуваше дел од правата на Нејмар пред тој да се пресели во Барселона и според нив требаше да добие 40% од трансферната сума која тогаш изнесуваше над 50 милиони евра. Компанијата тврди дека добиле помала сума поради договор меѓу претставниците на играчот и Барселона.
Истрагата се одвиваше во Шпанија и Бразил, а судењето ќе биде во Барселона.
Нејмар и сите обвинети негираат каква било злоупотреба. Играчот, неговите родители и двата клуба поднесоа жалби за отфрлање на обвиненијата, но сите беа отфрлени и сега се ќе биде решено на суд.