Фудбалерот на Ал-Хилал, Нејмар смета дека неговиот сонародник, Винисиус Жуниор треба да ја освои „Златната топка“. Покрај играчите на Реал Мадрид, во тесна конкуренција се и Родри, Лаутаро Мартинез, Ерлинг Халанд, Ламин Јамал…
„Имаме прекрасна врска. Го сакам Вини. Вини е голем, одличен пријател што го запознав во фудбалот. Имаше извонредна сезона. Сигурно играше многу и секако дека ќе навивам за него да ја освои „Златната топка“. Мислам дека нема кој друг што треба да ја освои. Се надеваме дека „Златната топка“ наскоро ќе се врати во Бразил, т.е. сега со Вини“, изјави 32-годишниот Нејмар и додаде:
„Тој е момче кое го заслужува тоа бидејќи е вреден работник и многу страдаше во животот, но ги надмина сите очекувања и сите критики што му беа упатени. Денес тој стана голем идол и голем херој за сите нас. Многу сум среќен, многу среќен што го носи бразилското знаме низ светот“.
Винисиус има 24 години, во Реал е од 2018 година, а за Бразил постигна пет гола на 35 натпревари.
Со „кралскиот клуб“ минатата сезона ја освои Ла Лига и Лигата на шампионите, како и Суперкупот на Шпанија.