„Неказнивоста не е феномен кој се однесува само на корумпираните функционери“: Славески бара МВР да ги фати малолетниците кои украдоа багер и дивееја низ Капиштец

од Nikola Popovski
602 прегледи

Социолозите повторно ламентираат дека за малолетничките престапи виновно било “општеството” (кое за нив е во постојана криза, инаку се губи смислата од постоењето на нивната наука), потоа образованието и родителите. Никој не информира за некаков епилог од уништувањето на детско игралиште во истата скопска населба (Капиштец) пред четири месеци од страна на малолетни вандали, објави претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески откако пред два дена повторно во истата населба, група малолетници украле багер, го вклучиле и удриле во едно возило, при што оштетиле и систем за наводнување.

Славески посочува дека тогаш упатил порака до МВР за итно пронаоѓање на вандалите, нивно упатување во поправен дом и надомест на штетата од страна на нивните родители.

-Изгледа ништо од тоа! Неказнивоста по сѐ изгледа не е феномен кој се однесува само на корумпираните функционери. Таа создава плодна почва за нови престапи, стои во објавата на претседавачот со градскиот совет.

Инцидентот, како што на Фејсбук соопшти градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, се случил во паркот во Капиштец каде што багерот бил паркиран поради реконструктивни зафати во тој дел од населбата.

Општинските служби излегле на терен, а случајот е пријавен и во полиција и изготвен е Записник.

Пред неколку месеци беа објавени видеоснимки од група тинејџери како уништуваат дел од опремата во детско игралиште во Капиштец. Тогаш Герасимовски најави дека преку ребаланс на општинскиот Буџет ќе се одвојат средства за камери на јавни површини, за полесно да се контролира кој го тероризира јавниот простор.

Слични содржини