Словенечкиот премиер Јанез Јанша се изјасни против одржување предвремени избори за време на претседателството на Словенија со Европската унија, што започнува на 1 јули, бидејќи, како што објасни, тоа би значело дека Љубљана се занимава со самата себе кога треба да се справи со проблемите на другите .
– Верувам дека некои се многу нервозни затоа што привилегиите на кои се навикнати повеќе не можат да се земаат здраво за готово – рече Јанша во петокот вечерта за ТВ Словенија по повод повикот за предвремени избори.
Тој апелираше до оние кои веруваат дека угледот на земјата е важен за „да се даде нешто за градење на државата“, нагласувајќи дека „малку здрав разум во овој момент не би штетел“.
Јанша предупреди дека доколку Словенија самата го уништи својот углед за време на претседателството со ЕУ, последиците ќе ги сносат следните влади.
На почетокот на април, четири опозициски словенечки левичарски партии ја претставија идејата за отповикување на премиерот Јанез Јанша пред Уставниот суд, обвинувајќи го за кршење на уставот, законите, како и за лош третман на здравството, медиумите, обвинителите и човечките и уставни права.
Минатата недела словенечкиот парламент не го потврди дневниот ред на седницата, на која требаше да се расправа за предлогот на опозицијата за уставна жалба против Јанша, што опозицијата го смета за нов доказ за политичка блокада за која се потребни нови предвремени избори.
Непотврдувањето на агендата на следната редовна седница се случи за прв пат во историјата на парламентарната демократија во Словенија.