Вандализам врз кутиите за улично осветлување е причина за синоќешниот прекин на електричната енергија во Градскиот парк, соопшти Град Скопје.
– Ја известуваме јавноста дека по реакција од чуварските служби на Град Скопје дека во Градскиот парк вчеравечер немало улично осветлување, по што надлежните градски екипи веднаш излегоа на терен во увид и во рок од 15-тина минути го санираа проблемот. При увидот е утврдено дека непознати сторители насилно ги отвориле кутиите (орманчињата) за електрична енергија кај ЗОО Скопје и во близина на споменикот на Гоце Делчев, а осигурувачите биле исклучени. По ова, веднаш е постапено и беше вклучена електричната енергија за осветлувањето на Градскиот парк. Градот Скопје остро ги осудува ваквите дејства, стои во соопштението.
Град Скопје апелира до граѓаните да не се врши насилно отворање на кутиите за електрична енергија, зашто со тоа се доведува до опасност мрежата за електрична енергија и се загрозува безбедноста на посетителите на Градскиот парк.
-Службите во Градот Скопје по повод овој вандализам го известија Министерството за внатрешни работи, се надеваме на соодветно постапување од страна на надлежните институции, наведува Град Скопје.