Поранешниот американски претседател Џими Картер, кој изјави дека сака да живее доволно долго за да може да гласа за Камала Харис, денеска го даде својот глас по пошта, 15 дена по неговиот 100-ти роденден.
Поранешниот демократски политичар ја искористил можноста за предвремено гласање во сојузната држава Џорџија, каде што живее во својот роден град.
„Поважно ми е да бидам жив за да гласам на американските избори отколку да доживеам 100 години“ рече тој.
Неговиот внук изјави за Atlanta Journal-Constitution дека Картер му доверил на семејството дека му е поважно да биде жив за да гласа на претседателските избори оваа година отколку да доживее 100 години. На крајот, тој ги оствари двете цели.
Картер, кој служеше како претседател само еден мандат од 1977 до 1981 година, живее повлечено од јавноста и прима палијативна нега во својот дом. Тој е најстариот жив поранешен претседател на САД.