Неколку полицајци осомничени дека му помагале на монструмот од Градачац

од Stefanija Kuzmanovska
477 прегледи

Министерството за внатрешни работи на кантонот Тузла, во соработка со Кантоналното обвинителство во Тузла, во моментов води истрага против повеќе лица кои можеби имаат некаква поврзаност со убиецот Нермин Сулејмановиќ од Градачац.

Локалните медиуми јавуваат дека неколку полицајци од локалната полициска станица во моментов се под истрага поради можна поврзаност со Сулејмановиќ.

„Истрагата се води против сите припадници на полициските сили од Тузланскиот кантон со цел да се утврди дали има поврзаност меѓу нивното однесување и постапки и сето она што се случи во Градачац“, изјавил за „Кликс“ извор запознаен со истрагата.

Во текот на истрагата треба да се открие и кој на убиецот од Градачац му ја открил локацијата на која се наоѓаат неговата невенчана сопруга и детето.  Локалните медиуми претходно објавија дека станува збор за полицајка со која бил во врска, чие име наводно е Џенана, но тоа не може со сигурност да се каже додека не заврши истрагата.

Семејството на несреќната жена директно ја обвини полицајката дека на Сулејмановиќ му открила дека Низама се крие кај нејзината тетка. Фотографија од полицајката објави и роднина.

„Тетка ми не ја уби само Нермин, туку и Џенана заедно со него“, напиша роднина на убиената.

Полицијата го истражува и судијата кој само четири дена пред убиството одбил да му изрече забрана за приближување на Сулејмановиќ, погрешно оценувајќи дека нема опасност по жртвата.

Нермин Сулејмановиќ, да потсетиме, во петокот уби три лица. Убиството на невенчаната сопруга Низама Хеќимовиќ го пренесуваше во живо на Инстаграм. Својот крвав поход го продолжил на улиците на Градачац, каде ги убил таткото и синот Џенгиз и Денис Ондер.

Слични содржини