Нелоски: Мојот татко е дел од спомената приватна фирма која не учествува на државни тендери ниту има добиено тендери

„Како и секој човек, па и мојот татко кој цел живот работи чесно во приватниот сектор има право да работи“, вели шефот на кабинетот на Мицкоски по обвинувањата за наместени тендери

од Nikola Popovski
32 прегледи Фото: Фејсбук/Владимир Нелоски

Шефот на кабинетот на премиерот, Владимир Нелоски ги отфрла обвинувањата од СДСМ за пирамидална мрежа на тендери и фирми кои водат до владиниот кабинет. Бара од опозициската партија да не изнесуваат прашања туку да зборуваат во потврдна форма за да може да поднесе тужбена постапка за клевета.

„Мојот татко е дел од спомената приватна фирма, која не учествува на државни тендери, ниту има добиено тендери. И на никаков начин не може да носи одлуки за државните пари. Како и секој човек, па и мојот татко кој цел живот работи чесно во приватниот сектор има право да работи, а впрочем истиот со трговија започнал да се занимава уште пред осамостојувањето на Македонија.

Колегите од СДС треба да знаат дека со невистини, лаги и манипулации не се добива довербата така се губи и целосно паѓа сликата за партијата која денес е потопена со криминал и корупција, со лични интереси и фракции“, стои во јавната објава на Нелоски.

Објаснувајќи ја поврзаноста со тендерите, генсекот на СДСМ, Александар Димитријевиќ соопшти дека таа оди преку фирма за облека „Трго строј“ ДОО Скопје, на која како содружник во април 2025 година ѝ се приклучил Јовица Нелоски, татко на шефот на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски, Владимир Нелоски. „Дали сега е јасно?“, е дел од пораката што Димитријевиќ ја пренесува во соопштението, со која СДСМ ја гради тезата дека тендерските шеми и фирмите поврзани со функционери и нивни роднини се вкрстуваат со центарот на извршната власт.

Димитријевиќ: Тендерската мрежа на фирми води директно до Нелоски и кабинетот на Мицкоски