Министерот за здравство и дел од партијата Алтернатива, Беким Сали синоќа изјави дека засега нема јасен став од Алијансата на Албанците (АА) дали се заинтересирани за влез во Владата.
– Кои се околностите и причините за проширувањето на ова мнозинство? Дали е тоа смирување на „огнената група” во ДУИ, бидејќи немаме јасна изјава од Алијансата дали се заинтересирани и поради која причина би можеле да бидат дел од парламентарното мнозинство. Имајќи предвид дека рекоа оти ќе поддржат секоја промена која е во интерес на евроинтеграциите, рече Сали во емисијата „Патот кон“.
-Алијансата за Албанци е политичка партија којашто во својата програма и јавни настапи има ставови што се прогресивни во делот на евроинтеграциите и корупцијата, но во моментов не разговараме за конкретно приклучување кон Владата, истакна пред неколку дена премиерот Димитар Ковачевски околу евентуалниот влез на АА на „Илинденска бр.2“.
-Можам да кажам дека најголемиот дел од политичките партии се за продолжување на европскиот пат, секако имајќи ги предвид заклучоците донесени во Собранието на 16 јули оваа година. Имаше една до две партии кои не се заинтересирани за европскиот пат, но добро е што седнавме и одржавме лидерска средба – додаде Ковачевски.
Арбен Таравари, новиот в.д претседател на АА ги отфрла како шпекулации сите информации во медиумите дека неговата партија преговара за влез во Владата.