Нема брзо и едноставно решение за растечкиот дефицит во фондот на ПИОМ

од Vladimir Zorba
239 прегледи

По низата слабости што ги констатираше Државниот завод за ревизија во однос на контролите и исплатата на пензиите и растечкиот тренд на буџетската дупка на Фондот, дел од ескпертите отворено бараат да се зајакне контролата врз работењето на оваа институција.Професорката Јадранка Мршиќ во изјава за Локално апелира да не се толерира неспособноста во раководењето во Фондот, од кое според неа страда целиот пензиски систем.

-Крајно време е владата да почне да ги третира извештаите на државната ревизија со целосно внимание и да презема соодветни мерки за барање одговорност и позитивни резултати од раководните лица на институциите именувани од владата. Не треба да се толерира неспособност во раководењето на Фондот на ПИОМ со кое се разрушува пензискиот систем наместо да се унапредува неговото функционирање во интерес на пензионерите и на целата држава, вели Мршиќ.

Јадранка Мршиќ

Јадранка Мршиќ

Во извештајот на ревизијата се посочува на тековниот недостаток на средства за исплата на пензии што се надоместува од државниот буџет, на заканите што влијаат на пораст на расходите од аспект на очекуваните неповолни промени во демографската структура на населението, инфлацијата и усогласувањето на пензиите и намалената понуда на работна сила на пазарот на труд. Ваквите предупредувања на ревизорот се дадени за да се нагласи сериозноста на констатираните негативни состојби во Фондот, вели професорката Мршиќ па оттаму и потребата за мерки со кои ќе се стимулира квалитетно образование, вработеност и раст на економијата.

-Нема брзо и едноставно решение за очекуваното зголемување на дефицитот на буџетот на Фондот. Важно е носителите на власта да ја разберат сериозноста на очекуваните промени на демограрфската структура на населенето врз различни области на општеството и економијата, да се следат промените, да се квантифицира нивното влијание и да се преземаат активности за да се одговори соодветно на овие очекувања. Потребни се мерки со кои ќе се стимулира растот на економијата, вработеноста, квалитетното образовние со што освен позитивните ефекти врз стандардот на населението ќе се постигнат и повисоки приходи за исплата на пензии преку повисок економски раст, зголемување на бројот на вработените и на висината на платите, потенцира Мршиќ.

Ревизорите посочија дека зголемените приходи на Фондот за ПИОМ не се доволни за покривање на дефицитот за исплата на социјални бенефиции за 2021 год, а кои се одвојуваат од државниот Буџет. Бројот на вработени во 2022 не укажува на подобрување на состојбите.

-Поголемиот износ на пензии што ги исплаќа Фондот заради значителен пораст на трошоците на живот во изминатите две години го зголемува трошокот за пензии. Од истите причини растат и платите а тие се значаен фактор за пресметка и плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување и за приходите на Фондот што би требало да го ублажи негативниот ефект на порастот на пензиите врз буџетот на Фондот. Порастот на бројот на вработени би ги зголемил приходите, но во 2022 година бројот на вработени не го достигнал нивото од 2021 година па нема да се реализира таквото влијание, подвлекува Мршиќ.

Во низата забелешки на ревизорот се потенцираат и пропусти во делот на нераспоредени средства од наплатени придонеси а кои Фондот не може да ги користи бидејки нема соодветни податоци за обврзниците , како и тоа дека осум извршители и покрај известувањето од Фондот дека не може да се реализира налог за извршување поради починат корисник на пензија, најнизок износ на пензија или дека веќе се задржува дел од пензијата по друг налог, повлекувале пари директно од сметката на ПИОМ, што е забрането со закон.

К.В.С.

Слични содржини