Нема да има нови измени на Изборниот законик пред локалните избори на 17 октомври, иако партиите подолго време разговараа за нив. Ова денеска го најави премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, повикувајќи се на разговор со претседателот на Собранието Талат Џафери.
Партиите ги усогласуваат ставовите, но не можат да ги усогласат сите ставови, пред се, како што кажа Заев, заради реакциите што ги има од страна на Левица, дел од владејачките и дел од опозициските партии.
-Претседателот на Собранието ме информира дека со последните измени со отисок од прст и со измените на ОБСЕ/ОДИХР законот ќе остане таков каков што е за да нема замерки дека во „пет до 12„ нешто се прави, а притоа тоа би било само блокада на законското решение. Законското решение ги потврдува поволностите на независните листи, значи прагот останува ист, ги дава сите досегашните можности на конституирање на кандидатските листи за советници и градоначалници, ја зголеми транспаретноста и одговорноста заради вградените препораки од ОБСЕ/ОДИХР, првпат ќе се гласа со отисок од прст во државата што е гаранција за фер и демократски избори и верувам дека таков исчекор ќе продолжиме и натаму да правиме, рече Заев, кој беше во Кривогаштани.