Запрашан дали можеби го исплаши реакцијата од јавноста, па се предомисли за данокот за немажени и неженети, премиерот Христијан Мицкосли вели дека не станува збор за страв туку да се крене свесноста за проблемот кој што е сериозен и се стреми да стане катаклизмичен за нацијата. Премиерот вели дека насекаде низ светот има голема дебата во делот на демографијата и не се сложува дека даночни олеснувања се решенија.
Mицкоски го наведе примерот на Јужна Кореја, каде што за 15-тина години, потрошиле меѓу 200-270 милијарди долари за да го стимулираат ферталититетот и наталитетот, но денеска имаат најнизок и тој е 0,75 по мајка, а во главниот град Сеул е 0,5 – на две мајки, едно бебе.
-Во Полска имаше програма „500 злоти“, па потоа се зголемуваше. Во 2017 години имаше 402 илјади бебиња родени, а во 2024 година има 252 илјади бебиња. Земете ја Грција, истиот е случај. И во Албанија и Косово. Во Македонија, во 2016 година има околу 23 илјади бебиња, а во 2024, 16 илјади. 30% рецесија. Таков е примерот и со Германија. Мораме да бидеме свесни дека изумираме тивко и полека. Ќе има комбиниран сет на мерки, но тоа е едниот дел на решавање на проблемот. Сепак, мораме да работиме со дечињата уште од најрана возраст за да имаат во својата перцепција, дека семејството е јас, мама, тато, бато и дада, а не само јас, мама и тато. Умот и срцето се најважни, рече премиерот во вестите на Тв Сител.
Мицкоски, како што вели, се радува што се отвори јавна дебата.